Под мотото „Сонувајте кратко“, на летната сцена во Домот на поезија во Струга до 1 август, како што соопшти организаторот, публиката ќе има можност да проследи околу 50 кратки филмски остварувања, поделени во четири категории (интернационална, регионална, студентска и „Dealing with the past“).
Селекцијата е на Иван Бакрач, а категоријата „Dealing with the past“ е во соработка со ZFD Форум Македонија. Филмската програма вклучува две гостински програми од фестивалите на кратки филмови Dokufest од Косово и Go Short од Холандија. Едукативната програма вклучува два онлајн мастер класови на реномирани имиња од европската филмска индустрија: (1) ’Short docs: Why so popular and how to see them!‘ со Ветон Нуроколари и (2) ’How to structure your festival“ со Матју Јансен. Ќе има и музичка ОФФ програма со настап на БРАН – Herzel & Flute Power, која ќе се одржи во Камп Треска – Радожда.
Дојдовме до мал, но значаен јубилеј, остварен пред сè со љубов и посветеност, Струга да има филмски фестивал, кој ќе стане уште еден убав и препознатлив белег на градот. Филмот никогаш не бил близок до Струга како денес и наша цел е тоа да стане традиција долга како поетската. И ниедна традиција денес не би била важна, ако некој, некогаш, не го направел првиот чекор. А ние стасавме до јубилејниот, петти чекор, важен, голем и обоен во живоста на брановата должина од спектарот помеѓу сината и зелената боја. Цијанот, кој резонира со струшкиот пејзаж, езеро, река, дрвја, небо и немир, соопшти организаторот.






