Отворањето со првата фестивалска вечер е со еден од најдобрите полски пијанисти, Анджеј Јагоѓински. Јагоѓински првпат доаѓа во Скопје и во оваа прилика ќе настапи во формација трио, а ќе ги свири Бах и Шопен. По Јагоѓински ќе настапи и Националниот џез оркестар од Македонија, со двајцата гости: австрискиот диригент и аранжер Зиги Фајгл и американскиот тромбонист Луис Бониља.
На втората вечер, в петок, на 17 октомври, настапуваат американскиот гитарист Марк Рибо и еден од најпрогресивните артисти на реномираната импровизаторска сцена на Чикаго, Кахил Ел Забар, а саботата, 18 октомври, е резервирана за скандинавските уметници. Први настапуваат „After the wildfire quartet“ – Арве Хенриксен и Јан Банг со гитаристот Ејвинд Арсет и перкусионистот Ингар Зак, а потоа Горан Кајфеш со квартетот Tropiques, кој на публиката ќе ѝ понуди „хипно-џез“ уживање. Квартетот покрај Кајфеш, го сочинуваат и исклучителните шведски музичари Александар Зетсон, Јохан Берлинг и Јохан Холмегард.
СЏФ завршува на 19 октомври, в недела, со настап на најкреативниот и најдобар жив американски џез-музичар, трубачот и композитор Вадада Лео Смит и пијанистката Силви Курвоазје, по кои ќе свири и квартетот на тенор саксофонистот Џејмс Брендон Луис.
Програмата на 44-от Скопски џез фестивал предвидува и две ексклузивни европски филмски премиери во киното Фросина. Прикажани ќе бидат документарците „We want the funk!“ и „SUN RA: Do the impossible“. Првиот филм, на 15 октомври, е синкопирана одисеја полна со ѕвезди и фанк патешествие кое ги следи и препознава африканските и госпел-корените, од Џејмс Браун до Parliament-Funkadelic, а вториот, на 18 октомври, е за Сан Ра, поет, египтолог, космолог, историчар, активист, бенд лидер, музичар и џез пионер.






