Роден е во 1930 г. во Кратово, каде завршува основно училиште, додека Учителска школа и Филозофски факултет завршува во Скопје. Како помлад новинар учествува во уредување на списанија за деца и на весникот „Млад борец“, но најголемиот дел од својот работен век, сè до пензионирањето, го поминува во Радио Скопје, каде долги години е уредник на Културната редакција и заменик директор.
Неговите авторски инспирации беа широки. Од творештвото за деца ќе останат запаметени збирките поезија „Сончева порака“ (1951), „Што има ново“ (1959), „Планета со петел“ (1976), „Шинато уво“ (1989); расказите за деца „Јаготки“ (1955), „Нашите први учители“ (1982), „Дарби“ (1990), „Белата мечка, синиот кит и другите“ (1998), „Малата голема точка“ (2005); од поезијата за возрасни: „Добрина“ (1956), „Свечености“ (1964), „Сребрен поток“ (1969), „Врски“ (1982). Во 2007 година стана еден од првите македонски поети кој се испроба и во хаику-поезијата преку збирката „Дождот“. Особено значаен се смета неговиот придонес преку биографските разговори со Блаже Конески и Илија Милчин.
Цане Андреевски е добитник на наградата „Кочо Рацин“, на РТВ Скопје на Струшките вечери на поезијата, како и на „Книжевен жезол“ во 2016 година. Вечна му слава!
Последна почит на Цане Андреевски ќе му се оддаде во понеделник, 7 јули, во капела на градските гробишта Бутел, од 10 до 10.30 часот.