сабота, 25 јули 2026

Објавен зборник „Уште едно навраќање кон Конески“ од професорите Вера Стојчевска и Свето Стаменов

Објавено на

часот

Сподели

„Овој зборник, со кој Општина Струмица ја одбележува стогодишнината од раѓањето на Блаже Конески и со кој се заокружуваат активностите во рамките на манифестацијата ‘Струмица – Град на културата 2021‘, е своевидно продолжение на претходниот ‘Навраќање кон Конески‘ што го приредивме и со кој Општина Куманово во мај годинава ја одбележа стогодишнината од раѓањето на Конески“, вели Стаменов.

Зборникот, чиј уредник е доц. д-р Ана Витанова – Рингачава, содржи 44 трудови на триесетина врвни познавачи на животот и делото на великанот Блаже Конески од земјава и од странство, кои, секој од свој аспект, фрлаат нова светлина врз творештвото на Конески, но кои во целина ќе предизвикаат нови проширени сфаќања и оценки за неговото грандиозно дело.

Она што дава посебен белег на Зборникот е тоа што во него се застапени и поголем број автори од помладата генерација од кои со право се очекува да го продолжат делото на великанот Конески.

Градоначалникот на Општина Струмица, Костадин Костадинов, во името на издавачот – Општина Струмица, за зборникот, меѓу другото, истакна дека претставува богат трезор, обемна збирка на лингвистички, книжевно – научни и културолошки проследувања и толкувања на делото на великанот.

„Конески веруваше во идејата дека длабоко проникнатата мисла и акцијата на поединецот, можат да направат културолошки пресврт, суштински важен за помалите народи, како што е македонскиот. Но, тој силно веруваше во моќта на малиот човек, оној кој живеел во нераскинливо единство со традицијата и од неа ја црпел силата да создава и да остава траги зад себе. Токму тој, Големиот од Небрегово, носејќи на себе товар од мудрост и знаење, црпени од мислата на своите предци, тргна да ги освои висините. Стигна до таму, до каде што неговите претходници сонуваа, до местото од кое тргна да се разгранува и да вишнее силниот збор на македонски јазик. Оттаму ги ископа пораките што ги вгради во својата ‘проста и строга македонска песна‘ и ни ја остави како аманет, да се закрилиме во нејзините пазуви, секогаш кога некој ќе посегне по нашето најсвето“, вели Костадинов.

Универзитетскиот професор и лингвист, Људмил Спасов кој е еден од рецензентите на „Навраќање кон Конески“ и на „Уште едно навраќање кон Конески“ во својата рецензија, меѓу другото, истакнува дека причината за објавување на овие два зборника не е само јубилејот на Конески – 100 години од неговото раѓање, туку таа е повеќезначна.

„Да се афирмира делото на Конески, да се покаже како оние што пишувале за Конески го восприемаат неговото дело, да се покаже тематската разновидност и сето богатство на делото на Конески, да се покаже дека делото на Конески и еден од основните столбови на современата македонска култура“, вели Спасов и додава дека Зборникот има важна задача, односно да ги подучи младите за Конески и да ги воспита на родољубие да ја ценат и сакаат македонската култура.

Вториот рецензент, универзитетскиот професор и лингвист, Димитар Пандов, пак, кажа дека Конески е еден од првите што во македонската слобода почна да ги чествува своите претходници.

„И не само да ги слави и прославува туку и да остава бележита и печатена трага низ времето. Конески се впрегна во одбележувањето на годишнините на патроните на македонската земја ‒ на Климент Охридски, на страдалниците за македонскиот збор, ‒ на Миладиновци и на Прличев, на опитните преткодификатори на македонскиот јазик, особено на Крсте Петков Мисирков. Наша е сега можноста да го чествуваме Конески, не само пригодно туку и со бележит збор, збор што ќе остане навек во книга многуавторна, налик на оние средновековни кодекси на кои ниту забот на времето ниту прашината не им можат ништо“, рече Пандов.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ