понеделник, 17 ноември 2025
Интервју

Наум Пановски: Коста Солев е светилник и патоказ на патот понатаму!

Вчера во галеријата Остен во Скопје се одржа разговор за последната книга на македонскиот режисер и театролог Наум Пановски, „Коста Солев – смртопис“. Се работи за една романизирана биографија на Коста Солев, за досега непознати делови од животот и делото на големиот македонски поет, во кој авторот дава една сосема друга димензија на овој великан, досега непозната во македонската историја. Во разговорот за МКД.мк Пановски вели дека сѐ уште има толку многу недоречени и недоистражени места за тоа кој и што беше Коста Солев, најсилниот стожер во нашата севкупна современа историја: поет, револуционер, есеист, борец за правда, хуманист во вистинска смисла на зборот, а сепак сѐ уште голема енигма за сите нас.

Објавено на

часот

Сподели

Во романот не се дава одговор на главното прашање поврзано со животот на Солев – Кој го уби Кочо Рацин? Сепак, од книгата може да се изведе одговорот на ова прашање со еден збор – партијата. Сите ние продолжуваме да го убиваме Солев не откривајќи ги сите непознаници од неговата биографија, заборавајќи на него и на неговата величина, вели Пановски.

„…Во наративната визура на Пановски ‘хибрисот’ е изместен (трансфериран) од (очекуваното) идеолошко – кон антрополошкото (архетипско) рамниште – кое ги разоткрива зависта и (‘салиериевскиот’) комплекс на инфериорноста како подземни, темни сили, што на крајот фатално ќе му пресудат на Солев. Ваквата ‘форензичка’ завршница воедно го пренасочува овој познат трауматичен инцидент (‘случајното’ убиство на Солев) кон повисокото (симболичко) рамниште и во транс-историска перспектива – претворајќи го во ‘алегорично’ (убиство), кое НИКОЈПАТ не завршува. ‘Коста С. Смртопис’ е длабоко сугестивна проза, која буди и поттикнува на ре-обмислување! Проза со став, проза што нуди нов предизвик и неистражен поглед кон Коста Солев како човек, како маж, како интелектуалец, како поет! Но, и како мит, околу кого сѐ уште се кршат некои (не секојпат добронамерни) копја и (злокобни) стрели“, напиша универзитетската професорка Елизабета Шелева за книгата на Пановски.

Се работи за огромна истражувачка работа на Пановски, увид во она што останало од архивскиот материјал, писмата, записите, памфлетите поврзани со Солев. Овој роман пополнува само мали дупки од биографијата на овој наш великан, за кој македонската историографија ќе мора да даде одговори на уште многу прашања поврзани со него.

ASCII

Зошто Кочо Рацин? Зошто пак ги отворате болните прашања околу животот и делото на Рацин?

– Па едноставно затоа што сѐ уште има толку многу недоречени и неизречни и недоистражени места за тоа кој и што беше Коста Солев. Особено што тој е без двоумење најсилниот стожер во нашата севкупна современа историја: поет, револуционер, есеист, борец за правда, секогаш на страната на обесправените и ограбените, хуманист во вистинската смисла на зборот, а сепак сѐ уште голема енигма за сите нас. И второ, младава генерација задоена и затруена со лажните вредности на капитализмот и т.н. западна демократија, треба да види дека не е сѐ во крвожедната трка по пари и дека не е сѐ во лажниот сјај што им се ветува како благосостојба.

Очекувањата се дека ќе одговорите на главното прашање поврзано со животот на Коста Солев – кој го уби? Од книгата, според мене, произлегува дека тоа е партијата. На добар пат сум или…?

– Мислам дека воопшто не е важно кој го уби… ги има многумина со различни мотиви вмешани во тој колективен злочин. Според мене, го убивме и сѐ уште го убиваме сите ние. Важно е како поука де се види зошто е убиен. А тоа мислам, дека во книгата е доста јасно речено.

ASCII

Тогаш што е проблемот со Рациновата Раца? Зошто тој дел од неговата биографија официјално е така претставен?

– Мислам дека во случајот Раца се работи за еден намерно смислен и со години граден и поддржуван мит, а сѐ со цел Коста да се сведе на еден заблуден пубертетлија, кој не е нешто многу битен. Уште во четириесеттите години од минатиот век некои видни членови на партијата со потсмев се однесувале кон него. А всушност во случајот Раца се работи за глорификација на една мала граѓанка (малограѓанка) со големи предрасуди… за која ете Коста не бил достоен ни да го погледне. Токму затоа и во книгата не ѝ е посветено внимание. Спомната е само со една до две реченици. Таа нема ништо заедничко со Коста Солев, тој е пролетерски поет, револуционер, човекот со врела крв, кој мислел со своја глава и работел со своја рака. А Раца беше ќерка од богато велешко семејство. За мене прашењето е зошто Невенка Вујиќ е изоставена, зошто таа воопшто нема големо место на широкиот хоризонт на пејзажот наречен Коста Солев.

Која е според Вас главната причина за ова, според книгата, наше општо незнаење за тоа кој и што навистина бил Коста Солев? Кој имал страв од неговата величина?

– Па има многу такви причини. Во книгата на еден специфичен начин се укажува на нив. Кажано во една речница – тоа се една дузина салиеровци што не му биле ни до колената. Како што Невенка Вујиќ рекла за него уште во 1928 година – тој е подобар од сите вас заедно. И тие сите ја оневозможувале вистината за него.

Секогаш жестоко реагирате на обидите на Бугарија да избрише сѐ што е македонско. Уште пожестоко реагирате на обидите на некои македонски интелектуалци и политичари да го релативизираат тоа. И од биографијата на Солев што ја претставувате во книгата се гледа и жестината на неговата борба против бугарската антимакедонска политика уште од тоа време. Како понатаму со нашиот источен сосед?

– Не е тука само Бугарија во прашање. Тука се и Грција и домашните албански националистички партии што однатре ја уриваат Македонија. Проблемот со Бугарија и со односот на македонските „интелектуалци“ и полуписмени политичари е токму тоа, што сите тие се неподготвени да се справуваат со агресијата на бугарската дрска и агресивна политика. За жал, за нив личниот интерес им е секогаш над државниот. Затоа што се мали луѓе, уплашени Македончиња, кои немаат визија. Но да скратам, просто речено и со Бугарија и со сите други што како неа се однесуваат кон Македонија, може да има соработка само на рамноправни основи, со јасно покажано меѓусебно почитување. Нема македонско малцинство во Бугарија, нема македонски јазик, е тогаш нема ни добрососедски односи и соработка. Нема никакви компромиси, има само еднаков таков третман на Бугарија како што тоа таа го прави против Македонија. Па ако треба и по цена на прекинување на сите дипломатски односи.

Истото важи и за сите други што ја тероризираат Македонија и кои мислат дека можат непречено да се силат и да се изживуваат врз Македонија и македонскиот народ и врз лојалните граѓани што живеат во неа.

Иако живеете и работите во САД, се гледа дека редовно ги следите случувањата во Македонија и регионот. Која е разликата, според Вас, во политиката на актуелната од претходната влада?

– Речиси никаква. И едните и другите се корумпирани и алчни, раководени од тотално неуки и неспособни луѓе, кои се интересираат само како да дојдат и да останат на власт. А народот заглупавен и примитивен, неписмен, голта сѐ што ќе му се стави под нос, сите лаги и лажни ветувања, како вардарски клен што голта мушичка.

И ми се чини токму затоа важно е да се види Коста како возвишен пример, да се види големата историска фреска по која тој се движел и за што бескомпромисно се борел и умрел. За мене е императив на времето да му се вратиме изворно како на светилник или патоказ на патот понатаму.

А.Д.

Фото: Роберт Атанасовски

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ