Книгата содржи над педесет песни, поделени во два циклуса. За книгата, Снежана Стојчевска ќе напише: „Пред нас имаме исклучителен поетски ракопис насловен со уникатен наслов „Сонцестој“ од Катерина Гогова. Ако првата книга „Актите се кастрирани“ е олицетворение на огнот, а втората книга „Пад во немирна вода“ олицетворение на водата, тогаш „Сонцестој“ е воздух, небо на кое сонцето изгрева и заоѓа. Нејзините стихови се во склад со природата, промената на годишните времиња и природните елементи. Сонцестој како термин се употребува во астрономијата и всушност претставува позиција на сонцето во одредени денови од годината. Зимскиот сонцестој претставува најкраткиот ден во година-та, додека пак летниот сонцестој претставува најдолгиот ден во годината. Наједноставно кажано сонцестој е најкусиот и најдолгиот ден. Од тука произлегуваат поднасловите на двата дела „Темницата стои на другата страна: најдолгата ноќ“ и „Најдолгиот ден: копнеж за пол-ноќно сонце“.
Сонцето како појдовна, но и централна тема во оваа книга е всушност инструмент со кој се мери течението на времето. Дуалната природа на сонцето и спрегата на спротивставени енергии што во себе ги носи се две страни на една паричка, денот и ноќта, зората и залезот, животот и смртта, црното и белото, јин и јанг итн. Веднаш може да се насети сензибилитетот на нејзината поезија, лирична, нежна, медитативна, во исконски склад со природата, длабока, искрена и свежа“.

Катерина Гогова е родена 1989 година во Дојран. Пишува поезија и кратка проза. Нејзината дебитантска поетска збирка во издание на „Современост“ од 2018 година носи наслов „Актите се кастрирани“. „Пад во немирна вода“ е нејзината втора поетска книга и со неа станува десеттиот носител на признанието „Бели мугри“ за 2018 година кое го доделува Дом на културата „Кочо Рацин“ во Скопје.
Со избор поезија е застапена во антологиската збирка „Метрички карван“ (ЈОУ Библиотека „Гоце Делчев“-Гевгелија, 2017, 2018, 2019, 2020), нејзина поезија е објавена и во зборникот „Креативни точки“ (МИ-АН, 2018), во монографијата „Астални проекции (Бегемот, 2018)“, во графичката арт панорама „Допир“ (ЗЛУКР Арт Еквилибриум, 2019), и во други фестивалски изданија.
Дел од нејзината поезија е преведена на српски, хрватски, словенечки, бугарски, албански, италијански, германски и англиски. Гогова работи препеви поезија од српски, хрватски и англиски на македонски јазик. Живее и работи во Скопје. Активист е за човекови, здравствени и сексуални права на маргинализирани заедници.






