Ова е прва книга на Павловски од ваков вид, записи во кои се преплетуваат публицистичкото и документарното со белетристичкото мајсторство, но е резултат на неговата целоживотна посветеност како активен чинител, гласен, остар и објективен критичар на македонската општествена стварност, а не нем набљудувач на настаните.
„Незамисливо е творецот да биде исклучен од настаните што ја одбележуваат неговата епоха. Во нашиов случај, кога транзиционите процеси им се закануваат на основните вредности, недозволено е да се молчи или премолчува. Треба да се искористат сите изразни форми за да се влијае на прогресот“, вели самиот Павловски.
Книгата „Записи од надземјето: чудесии“, всушност, овозможува и поттикнува да се согледа и колку македонската општествена стварност би била поинаква ако во децениите зад нас, особено оние на македонската самостојност, навремено се чуеше и разбереше гласот на македонскиот интелектуалец при носењето судбоносни одлуки за државата.
Со објавување на своите записи, како одделен жанр, покрај расказите, а потоа и романите, Божин Павловски започнува уште во 1962 година, а своите први вистински колумни ги има објавено во 1988 и 1989 година. Од тој перод наваму, Божин Павловски, неуморно, со години алармира, апелира и анализира, во неговите записи за коишто меѓу првите афирмативно се има изјаснето академик Георги Старделов. Македонската јавност, сега, преку книгата „Записи од надземјето: чудесии“ за првпат има можност голем дел од тие записи да ги прочита на едно место, а со тоа и да има поцелосна слика не само за ставовите и улогата на Павловски во изминатите децении, туку и за македонската реалност.