Кобење
Немој да кобиш ни со мимолетна мисла,
зашто ти имаш голема сила на кобење,
и ако сетиш несреќа — таа ќе се случи.
Та поарно да си заспан, поарно да си пијан,
да си замајан,
зашто од тебе зависи многу, —
поарно да не си ни свесен ти за својата моќ,
зашто знам веќе: не можеш да се радуваш.
На секој миг пристапи му со чувство на изненада,
со чувство на вчудоневидување,
да немаш ниту нокте време за размислување, —
зашто само така ти наоѓаш спокојствие,
и го создаваш,
само така си на починка создател,
човек, не кобник.






