петок, 22 мај 2026

Катедрата за општа и компаративна книжевност одбележува 40 години постоење

Објавено на

часот

Сподели

Катедрата за општа и компаративна книжевност е основана во учебната 1980/1981, на иницијатива на нејзиниот прв раководител, академик Милан Ѓурчинов, уште во март 1977 година. Покрај Ѓурчинов, темелите на овие студии ги поставиле и професорката Вера Јанева-Стојановиќ и академик Влада Урошевиќ – со чие излагање на тема „Поезија и политика” почна работниот дел на конференцијата.

Првите наставни предмети: Теорија и методологија на проучување на книжевноста, Општа и компаративна книжевност и Увод во книжевност се основни оски на сите наредни и на актуелните курикулуми на Катедрата, рече проф. д-р Владимир Мартиновски во поздравното обраќање, осврнувајќи се на развојот на Катедрата во изминатите четири децении, постигнатите резултати во наставата и науката и на нејзината богата меѓународна соработка, меѓу кои е и долгорочната со соодветната катедра на Универзитетот Нова Сорбона – Париз 3.

„Катедрата комбинираше искуства и примери од повеќе универзитети при реформирањето на наставните планови и режимот на студии. Притоа акцентот е ставен врз предизвикот литературните феномени да се третираат атрактивно, креативно и во дослух со најсовремените достигнувања на полето на компаративната книжевна наука, а тој темелен принцип секогаш е во основа на конципирањето на студиските и предметните програми на Катедрата на сите три студиски циклуси“, истакна Мартиновски.

Деканот на Филолошкиот факултет „Блаже Конески” Анета Дучевска рече дека Катедрата за општа и компаративна книжевност е посебна од повеќе причини, оформена многу подоцна од другите катедри, иако зачетоците ѝ се уште во предвоениот Скопски универзитет.

„Најмногу таму се негува мулти – и интердисциплинарност. Работи во еден нетипичен факултетски простор и секогаш се грижи да ја следи големата слика отколку да парцијализира и да ја испушти суштината. Студентите од оваа катедра се редовни добитници на наградниот есеј од Факултетот, редовни учесници на студентските конференции и се редовно ангажирани во општествениот и во факултетскиот живот по разни прашања. Сето ова ја прави оваа катедра прилично атрактивна, но и воздржано елитна – помалку во квантитет, а повеќе во квалитет во сите сфери на нивното делување“, рече Дучевска.

Јубилејот на Катедрата го честиташе и ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” Никола Јанкуловски. Во обраќањето тој рече дека дипломираните на оваа катедра остваруваат незаменлив придонес не само во сферата на науката за литературата, образованието, книжевната критика, есеистика и уметничка продукција, туку и во издаваштвото, новинарството, културниот менаџмент и воопшто во културата.

„Структурата на студиските програми на Катедрата овозможува постојано изучување на двете носечки области – Теорија и методологија на проучување на книжевноста и компаративни поетики, што ја дефинира матичноста на Катедрата за овие домени на книжевната наука“, додаде ректорот Јанкуловски.

Во изминатите четири децении на оваа Катедра дипломирале професори, книжевни, филмски и театарски критичари, уредници во издавачки куќи, новинари, како и познати имиња на современата македонска литература. Сите четворица македонски добитници на Европската награда за литература студирале на Катедрата за општа и компаративна книжевност.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ