петок, 22 мај 2026

Емил Попорданоски ја доби наградата за поетска книга издадена во дијаспората

Објавено на

часот

Сподели

„Поезија за возрасни” од Саво Костадиновски, од Келн, Германија; „На брегот” од Милена Златеска, од Пула, Хрватска; „Во прегратките на љубовта” од Емил Попорданоски, од Мелбурн, Австралија; „Таму каде душите треперат” од Росано Чолаков, од Фрајбург, Германија; „Магични љубовни зборови”, „Неостварена љубов” од Оливера Петрова Јовановска, од Мелбурн, Австралија; „Раѓање” од Бошко Рајчовески – Пелистерски, од Флорида, САД и „Во куќата на зборот” од Соња Таировска Ѓурчак, од Улм, Германија се седумте книги што ги доби жири-комисијата на разгледување.

„Стихозбирката ‘Во прегратките на љубовта’ од Емил Попорданоски се одликува со мотивско-тематска и стилско-изразна кохерентност. Лајт-мотив за поетските љубопитства и потраги е љубовта како повод за свртување кон својот внатрешен свет и обид за откривање на причинско-последичните врски со реалноста. Тоа се искрени, елементарни изливи на емотивниот набој кој на места се доближуваат до еден вид сублимации од рефлексивен карактер кои на песната, но и на книгата во целина, ѝ придаваат поизразита внатрешна структура и цврстина. Оттука книгата добива димензии на своевидна поема на и за љубовта. Песните во оваа книга се поле за авторовата потрага по хармонија, при што љубовта се јавува како повод и цел во градењето на авторовата животна филозофија низ која се согледуваат возвишените димензии на внатрешниот порив да се сака и да се биде сакан“, стои во одлуката на жири-комисијата.

Емил Попорданоски е доктор-специјалист по општа медицина по потекло од Прилеп, кој со своето семејство живее и работи во Мелбурн, Австралија. Стихозбирката „Во прегратките на љубовта” е неговата прва објавена книга. Таа содржи триесетина песни напишани во различни временски периоди и континенти.

На соопштувањето на наградата се обрати и директорот на Агенцијата за иселеништво, Слободан Близнаковски, кој му честиташе на годинешниот добитник.

„Во име на агенцијата сакам да се заблагодарам на комисијата, на претседателот и на директорот на Струшките вечери на поезијата. Наградата ја востановивме во 2008 година и доделувањето трае во континуитет и планираме и понатаму да ја доделуваме. Во мое лично име му посакувам успех на добитникот Емил Попорданоски. Верувам дека многу лесно жири-комисијата дојде до ваква одлука затоа што единствено нешто на оваа планета што не може да се купи со пари е љубовта. Им се заблагодарувам на сите учесници за оваа награда и ги охрабрувам и понатаму да творат“, рече Близнаковски.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ