По неодамнешната изјава на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова дека околу Протоколот меѓу Македонија и Бугарија е можно да постојат „погрешни толкувања на неговата содржина“, повторно се отвори прашањето кое никогаш не доби вистински одговор: што точно е нејасно во тој документ?
Прашањето не е безначајно. Напротив. Станува збор за документ кој веќе четири години суштински го определува текот на македонските европски интеграции и чие спроведување е директно поврзано со напредокот на државата кон членство во Европската Унија.
Пред да зборуваме за толкувања, потребно е да се потсетиме што всушност содржи Протоколот потпишан во Софија во јули 2022 година.
Тоа не е обична дипломатска белешка ниту документ од технички карактер. Во него се содржани конкретни политички, образовни, историски и институционални обврски кои Македонија треба да ги реализира во точно определени рокови.
Протоколот предвидува забрзување на работата на Заедничката историска комисија и вградување на нејзините препораки во учебниците, наставните програми и образовните материјали. Предвидува договорените историски содржини да се рефлектираат и во музеите, спомениците, информативните табли и јавните медиуми. Налага усогласување на учебниците по историја со резултатите од работата на Комисијата. Содржи обврски поврзани со отворањето на архивите од комунистичкиот период, со прашањето на говорот на омраза и со положбата на бугарската заедница во Македонија.
Најзначајно од сѐ, во него јасно е наведено дека следната фаза од пристапните преговори со Европската Унија е условена со внесувањето на Бугарите во македонскиот Устав.
Ова не се политички оценки. Ова се напишани и преземени обврски.
Но тука се наметнува уште едно прашање кое ретко кој сака да го отвори. Како е можно документ кој формално се нарекува „протокол од состанок на Заедничката меѓувладина комисија“ да произведува толку сериозни политички и правни последици?
Вообичаено, записник од состанок служи за евидентирање на дискусијата, ставовите и донесените заклучоци. Тој претставува сведоштво за она што било разговарано. Но во Протоколот од 2022 година не стои само што било разговарано. Во него стои што Македонија треба да направи.
Во него се утврдуваат рокови.
Во него се пропишуваат обврски.
Во него се дефинираат очекувани резултати.
Во него се предвидуваат механизми за следење на нивното исполнување.
Тоа веќе не е класичен записник.
Во текстот не се користи јазик на обична евиденција, туку јазик на обврзување: „двете држави се согласуваат“, „Владата на Република Северна Македонија ќе…“, „двете држави се обврзуваат“, „во рок од една година“, „не подоцна од учебната 2024-2025 година“.
Токму затоа е оправдано прашањето: ако ова е само записник, тогаш зошто неговото исполнување е врзано со европските интеграции на Македонија? Ако е само белешка од состанок, зошто содржи рокови за промена на учебници, обврски поврзани со историските интерпретации и услови за продолжување на пристапните преговори?
Очигледно е дека проблемот не е во името на документот, туку во тежината на обврските што ги содржи.
Формално може да се нарекува протокол, записник или меморандум. Но суштински, тој прерасна во политички инструмент кој директно влијае врз македонскиот европски пат и врз чувствителни прашања од националниот идентитет, историјата и образованието. Впрочем, вистинската политичка тежина на Протоколот не произлегува само од неговата содржина, туку и од фактот што преку Преговарачката рамка неговата имплементација стана составен дел од процесот на пристапување на Македонија во Европската Унија.
Токму поради тоа уште поголема станува дилемата околу правниот и демократскиот статус на Вториот протокол. Како документ што никогаш не бил ратификуван во Собранието доби толку значајно место во определувањето на европската иднина на државата?
Основниот Договор за пријателство од 2017 година беше ратификуван во Собранието. Вториот протокол, пак, никогаш не беше предмет на ратификација од страна на народните избраници. За него, колку што ме држи сеќавањето, не се водеше собраниска расправа, не беше усвоен со закон и не доби директен демократски легитимитет преку институцијата што според Уставот ја претставува волјата на граѓаните.
Токму затоа го поставувам прашањето: како документ што никогаш не поминал низ процедура на ратификација успеа да произведе обврски кои денес директно влијаат врз образованието, историјата, културната политика и европските интеграции на државата?
За мене, а верувам и за многумина останува нејасно и нешто друго. Зошто претседателката на државата денес се повикува на можни погрешни толкувања на документ кој никогаш не бил ратификуван во Собранието, за кој не се водела суштинска парламентарна дебата и чиј формален правен статус сѐ уште предизвикува бројни дилеми во јавноста?
Ако станува збор за документ со ограничено значење, тогаш зошто неговата содржина со години ја определува динамиката на македонските европски интеграции? Ако, пак, станува збор за документ со толкава политичка и институционална тежина, тогаш уште поважно е јавноста да добие јасен одговор што точно било погрешно толкувано во него.
Никој во државава нема право и не може истовремено да тврди дека еден документ не е доволно важен за да биде ратификуван во Собранието, а во исто време да го третира како еден од клучните ориентири за својата европска иднина.
Токму затоа денес е тешко да се прифати тезата дека јавноста едноставно „погрешно го толкувала“ документот.
Кој дел од него не е јасен?
Дали е нејасно дека Македонија се обврзала да ги менува учебниците согласно препораките на историската комисија?
Дали е нејасно дека договорените историски ставови треба да се пресликаат врз музеите, спомениците и другите јавни институции?
Дали е нејасно дека европскиот процес е условен со уставни измени?
Дали е нејасно дека билатералниот спор со Бугарија практично стана дел од европската преговарачка рамка?
Дали е нејасно дека работата на историската комисија доби политичка тежина што директно влијае врз државната политика?
Во документот нема многу простор за различни толкувања. Голем дел од неговите одредби се напишани јасно, со рокови, задолженија и очекувани резултати.
Затоа критичарите поточно противниците на Протоколот никогаш не тврдеа дека не го разбираат неговиот текст. Напротив. Тие тврдат дека премногу добро го разбираат и дека е штетен.
Тие гледаат неформален документ кој станал формален во кој историските прашања стануваат политички услов за европска интеграција. Гледаат документ во кој образовната политика станува предмет на меѓудржавно усогласување. Гледаат документ преку кој министер за надворешни работи, во име на Македонија, презема сериозни и долгорочни обврски во области кои традиционално се сметаат за дел од националниот суверенитет.
Оттука, кога денес се зборува за „погрешни толкувања“, јавноста има право да побара од претседателката Сиљановска многу попрецизен одговор.
Која конкретна одредба е погрешно прочитана?
Кој член е погрешно разбран?
Која обврска не значи токму тоа што е напишано?
Доколку постои таква одредба, нека биде јавно посочена и објаснета.
Во спротивно, останува впечатокот дека проблемот не е во толкувањето на Протоколот, туку во неговата содржина и во политичките последици што таа содржина ги произведува. Бидејќи понекогаш најголемиот проблем не е кога еден документ е нејасен. Најголемиот проблем е кога е сосема јасен, а подоцна некој се обидува да нѐ убеди дека не сме го разбрале она што со свои очи сме го виделе и прочитале.
Мојот, а верувам и проблем на повеќемина никогаш не беше во тоа што не го разбираме или погрешно го толкуваме Протоколот. Напротив. Нашиот проблем е што премногу добро го разбираме. Токму затоа ги препознаваме ризиците, последиците и опасностите што неговата имплементација ги носи за Македонија.
Јове Кекеновски











