Системот на јавната администрација и државните институции повторно се под лупа откако серија ревизорски извештаи и внатрешни контроли открија шокантни случаи на исплата на плати и надоместоци за лица кои со години не се појавувале на работа, како и трошење јавни пари без соодветна контрола.
Од Државниот завод за ревизија за МКД.мк велат дека врз основа на досегашните ревизии, вклучително и оние спроведени во 2025 година, може да се заклучи дека постои подлабок системски проблем во управувањето со човечките ресурси во институциите на јавниот сектор, како и во трошењето на јавните средства наменети за плати.
Според ревизорите, проблемот не се сведува само на недоаѓање на работа, туку и на слабости во следењето на присуството, контролата на работните обврски и оценувањето на успешноста на вработените. Тие нагласуваат дека надминувањето на состојбата не може да се реши единствено со воведување електронски системи за евиденција на работното време, бидејќи тие често се соочуваат со технички проблеми, неажурирани бази на податоци, ризици од хакерски напади и можности за внатрешни манипулации.
„Затоа субјектите од јавниот сектор мора да управуваат со човечките ресурси секојдневно во делот на доделување и следење на извршувањето на работните задачи. Ефективното управување во една организација, како што е институција од јавниот сектор, задолжително мора да вклучува редовно давање конкретни работни задачи на вработените, реален и континуиран надзор над нивното секојдневно работење од страна на непосредно претпоставените, како и оценување на успешноста во работата согласно хиерархиската поставеност на организацијата. Во однос на размерите на неправилностите, повторувањето на пропустите и очекувањата по објавувањето на конечните ревизорски извештаи, можеме повторно да потенцираме дека Државниот завод за ревизија, и покрај тоа што очекува надлежните органи да преземат мерки за утврдување одговорност, истовремено континуирано укажува на потребата од засилување на внатрешните контроли, односно финансиското управување и контрола. На системско ниво, една од клучните објективни причини за повторувањето на овие појави е нефункционалниот систем на мотивација, оценување на успешноста, наградување и казнување согласно законската регулатива“, велат од Државниот завод за ревизија за МКД.мк.
ДЗР посочува дека нивните ревизии се вршат врз основа на примерок согласно меѓународните стандарди, поради што не можат да излезат со збирен податок за сите вработени во јавниот сектор. Но, како што наведуваат, податоците содржани во поединечните извештаи за ревидираните институции јасно ја потврдуваат појавата на отсуство од работа.
Како еден од најилустративните примери го наведуваат Министерството за односи меѓу заедниците, каде што во ревизијата за 2024 година, објавена во 2026 година, било утврдено дека кај околу 150 вработени, односно 61 процент од вкупно 244 лица, исплатата на плати се вршела без соодветна документација и докази за присуство на работа и реализација на работните обврски. Ревизорите посочуваат дека слични наоди биле констатирани и во други институции во претходните години.
Една од главните причини поради кои ваквите појави се повторуваат, велат дека е нефункционалниот систем на мотивација, оценување, наградување и санкционирање во јавниот сектор.
Во меѓувреме, од Основното јавно обвинителство Скопје за МКД.мк потврдуваат дека се вршат проверки во предистражна постапка во врска со случајот со ПИОМ во кој повеќе од 200 лица земале плата без да доаѓаат на работа. Иако случајот беше откриен минатата година, засега нема отворена истрага, што значи дека Обвинителството сè уште собира докази и проверува дали постојат основи за поведување кривична постапка и утврдување одговорност.
К.Д.






