недела, 7 јуни 2026

Ревизорите го откриваат башибозукот по државните институции, милиони евра потрошени без контрола, стотици луѓе биле платени да не одат на работа

Системот на јавната администрација и државните институции повторно се под лупа откако серија ревизорски извештаи и внатрешни контроли открија шокантни случаи на исплата на плати и надоместоци за лица кои со години не се појавувале на работа, како и трошење јавни пари без соодветна контрола.

Објавено на

часот

Сподели

Додека граѓаните се жалат на ниски примања, а институциите постојано предупредуваат дека немаат доволно кадар и средства за нормално функционирање, податоците покажуваат дека во дел од нив со години постоеле вработени кои земале плата без да ги извршуваат своите работни обврски.

Најдрастичен е случајот со ЈП „Комунална хигиена – Скопје“, каде беа отпуштени 371 работник кои, според утврдените податоци, со години примале плата без да доаѓаат на работа. Слични наоди има и во Институтот за јавно здравје. Според информациите што ги објави раководството на институцијата, а кои произлегуваат од Извештаите на Државниот завод за ревизија, меѓу 20 и 30 вработени во период од шест до седум години не се појавиле на работа, а редовно добивале плата. Дополнително, било откриено дека дел од нив биле уредно евидентирани како присутни во системот, за што наводно им плаќале на колеги по 200 евра.

Ревизорските извештаи покажуваат дека проблемот не е ограничен само на фиктивни вработувања. Во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување во 2023 година биле ангажирани 206 лица со договор на дело, за кои биле исплатени повеќе од 800.000 евра. Ревизорите утврдиле дека тие не доаѓале на работа, во договорите не постоела обврска за доставување извештаи за сработеното, а дел од договорите не биле ниту потпишани.

Неправилности се констатирани и во Академијата за судии и јавни обвинители. Таму биле исплаќани надоместоци на членови на Управниот одбор и Програмскиот совет и во периоди кога немало одржано седници, а во некои случаи надоместоците биле исплатени и пред седниците да се одржат. Ревизорите откриле и прекумерна исплата на прекувремена работа, како и дополнителни трошоци поради пролонгирање на обуките за идните судии и обвинители.

Во Институтот за јавно здравје, пак, освен фиктивното присуство на работа, биле констатирани и сериозни недостатоци во финансиското работење. Недостасувала опрема, немало трага од мрежен кабел вреден околу 15.000 евра, а за дел од набавените компјутери, лаптопи и мобилни телефони немало документација каде завршиле.

Ревизорскиот извештај за Министерството за односи меѓу заедниците открива уште една загрижувачка слика. Според наодите, повеќе од 200 вработени примале плата без да доаѓаат на работа, недостасувале лаптопи, а службени картички за гориво биле користени и за возила кои не биле во сопственост на институцијата.

Заедничко за сите овие случаи е што станува збор за институции финансирани со јавни средства. Наместо парите на граѓаните да бидат насочени кон подобрување на услугите, набавка на неопходна опрема или подобри услови за вработените кои навистина работат, дел од средствата со години се трошеле без соодветна контрола.

Прашањето што се наметнува е кој го дозволувал ваквото работење и како е можно стотици лица со години да примаат плата без тоа да биде забележано од раководствата, контролите или надлежните институции.

Уште поважно е дали по ревизорските наоди ќе следува конкретна одговорност или случаите ќе останат само уште една забелешка во ревизорските извештаи.

К.Д.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ