На патот Гостивар – Тетово од страна на полициски службеници од Мобилната единица за безбедност на сообраќајот на патиштата при Секторот за сообраќајни работи со помош на специјално возило пресретнувач на Министерството за внатрешни работи измерена беше брзина на движење на патничко возило мерцедес со гостиварски регистарски ознаки од 178 километри на час надвор од населено место каде што максималната дозволена брзина е 80 километри на час, соопшти Министерството за внатрешни работи.
Оттаму најавуваат дека сообраќајните контроли со специјалните возила пресретнувачи продолжуваат и во наредниот период на територијата на цела држава, со цел санкционирање на сторителите, зголемување на безбедноста и заштита на учесниците во сообраќајот.
„Управувањето на возила со брзина поголема од пропишаната е една од главните причини за сообраќајни незгоди, кои најчесто резултираат со тешки последици по здравјето и животот на граѓаните. Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, со што заеднички ќе придонесеме за побезбедни патишта“, велат од МВР.






