САД и нивните сојузници, меѓутоа, сигнализираат дека можеби би биле спремни да влезат во преговори со Русија, особено ако Кремљ се согласи да го намали бројот на војници долж границата со Украина, што предизвика загриженост поради можна инвазија.
САД и НАТО реагираа на неколку нацрт договори кои руското министерство за надворешни работи им ги претстави неделава, а потоа јавно ги објави во петокот.
Нацртите, подготвени без консултации со САД и НАТО, ја обврзуваат Алијансата да не распоредува дополнителни трупи во земјите кои немале НАТО сили во 1997 година. Тоа би ги вклучувало поранешните членки на Варшавскиот пакт како Полска, Унгарија, Чешка, балтичките земји и неколку други поранешни советски републики.
Предложениот договор би ги обврзал двете страни и на ограничувања во разместувањето на ракети со краток и среден дострел и на воени вежби со големи размери во близина на руската граница.
Функционери на САД и НАТО истакнаа дека нацртите не содржат големи отстапки на Русија околу загриженоста на Алијансата, како количеството трупи во близина на Украина и други агресивни акции на Кремљ.
„Јасно ни е дека секој дијалог со Русија би морал да се одвива врз основа на реципроцитет, да се бави со загриженоста на НАТО во врска со руските акции, да се заснова на клучните принципи и темелните документи на европската безбедност и да се одвива во консултација со европските партнери на НАТО“, соопшти воениот пакт и додаде дека ако Русија преземе конкретни чекори за намалување на тензиите, постои спремност за јакнење на мерките за изградба на доверба.
Стејт департментот изнесе сличен став дека САД би разговарале со Русија, но додаде дека американската влада нема да преговара со Русија за безбедноста во Европа без присуство на европските партнери.
Како што додава ВОА, американските власти подготвуваат одговор на барањата на Русија кој се очекува следната недела.






