четврток, 7 мај 2026

Илиевски: МОН не може да поништува дипломи и испити пред судот да одлучи

Развојот на настаните во случајот со законски спорните дипломи и уписи на втор циклус студии на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, кој пред македонската јавност се отвори пред неколку седмици, од страна на Мкд.мк, стигна до точката Министерството за образование и наука, проблемот да го предаде на Јавното обвинителство. Но додека правната истрага речиси и не е почната, веќе се применети одредени казнени мерки спрема студентите на Филозофскиот факултет за кои Државниот просветен инспекторат, во вонреден инспекциски надзор утврдил дека на втор степен студии биле запишани со несоодветни дипломи од прв степен на студии – односно поништени им се уписите, а на некои и дипломите.

Објавено на

часот

Сподели

„На Филозофскиот факултет при Универзитетот ‘Свети Кирил и Методиј’- Скопје поништуваме осум дипломи на веќе поништени осум уписи и денеска тоа ќе излезе во весниците и на веб-страницата на Министерството за образование и наука. Станува збор за 17 студенти, од кои дел се запишани на втор циклус и завршиле. Ова се тие осум, а останатите продолжиле на трет циклус. Едно уверение не е поништено од страна на факултетот и тој е задолжен да го поништи. Ние, откако ќе постапи факултетот ќе ги поништиме и уверенијата на сите овие осум студенти. Тоа е првото нешто, значи МОН постапува по закон и не прави разлика дали се приватни и јавни универзитети. Секаде каде ќе забележиме неправилност ние постапуваме“, изјави на 5 мај, министерката за образование и наука, Весна Јаневска.

Во разрешувањето на целата оваа високообразовна афера, во која несомнено мора да се постапува законски при утврдени недоследности, се чини дека засега први и единствени на удар се студентите со поништените уписи и дипломи, кои министерката ги упати правдата да ја бараат пред правосудните институции. Од друга страна, авторитети упатени во образовните процеси и регулативи, сугерираат дека поништувањето на уписите и дипломите е избрзано.

„Ако министерката за образование и наука имала сомнежи за неправилности во спорните случаи со уписите и дипломите на втор степен студии на Филозофскиот факултет , тие сомнежи поткрепени со документацијата требала да ги искаже пред Јавното обвинителство, а обвинителството до судот. Но Министерството за образование и наука нема право да ги поништува дипломите и уписите, пред за тоа да одлучи судот“, вели Ѓорѓи Илиевски, поранешен државен просветен инспектор.

Илиевски смета и дека при вонредниот инспекциоски надзор, кој е спроведен на иницијатива и барање на Филозофскиот  факултет, инспекторите имале селективен приод при примена на одредбите од Законот за високо образование, но и правилникот за упис на студенти, донесен на ниво на УКИМ, а објавен во Универзитетскиот гласник. Поранешниот просветен инспектор, наведува дека досега во целиот случај со неправилностите на Филозофскиот факултет, како да се пренебрегнува одговорноста на самиот факултет, односно на одговорните служби во оваа високообразона институција. Вусшност одговорните на Филозофскиот факултет (од деканската управа) на некој начин ги довеле и во заблуда студентите на кои сега им се поништени уписите и дипломите, со тоа што при конкурсот за студии од втор степен им ги прифатиле дипломите од првиот степен и дозволиле да ги продолжат студиите.

„За упис на втор циклус академски студии, факултетот формира конкурсната комисија, чиишто членови се избираат на настано-научниот совет. Таа комисија се грижи за правилно да биде спроведена постапката на запишување на студентите. Со комисијата раководи продеканот за настава, а во случајот на Филозофскиот факултет тоа е актуелниот декан, Оливер Бакревски. Треба да се знае дека, доколку комисијата оцени одредена несоодветност на дипломата од првиот циклус на студии, со условите за упис на вториот циклус, постои можност за полагање на диференцијални испити. Но ништо од тоа не било констатирано, или им било укажано на студентите на кои сега им се поништуваат уписите и дипломите од конкурсната комисија. Дури и пред почетокот на студиите, пред да им биде издаден индекс на студентите од втор степен, тие потпишуваат и договор за студирање со факултетот (во кој се наведуваат правата и обврските на студентот), каде се констатира дека ги исполнуваат условите за студирање. Тој договор во име на факултетот го потпишува деканот. И морам да забележам дека овој договор не е земен предвид при вонредиот инспекциски надзор. Но најважно од сè – согласно Болоњскиот систем, најважен услов за продолжување на втор циклус студии се ЕКТС-кредитите, кои сега ‘спорните’ студенти и магистри го имале исполнето при уписот. И согласно Болоњскиот систем, не можат да им се поништат испитите“, укажува инспекторот Илиевски.

И поранешниот декан на Филозофскиот факултет, Горан Ајдински, реагираше на социјалните мрежи, по објавата на министерката за образование за поништување на дипломите.

„Се поништија дипломи! Зошто не се почека и да се види (Управен суд и други правни инстанци) за пропустите во увидот, па и во решението на инспекторатот?“, прашува професорот Горан Ајдински кој од 2009 до 2017 година беше декан на Филозофскиот факултет.

„Запишани се на втор циклус на студии на Институт за специјална едукација и рехабилитација, на програми акредитирани согласно Законот за високо образование од 2008 год (акредитација на програмите започна во 2018 година). Во моментот на запишување веќе стапува на сила Законот за високо образование од 2018 год. Диплома- суплемент во текстот овозможува упис на академски студии. Заедно, плус една година специјализација имаат вкупно 240 кредити. Тоа се 4 години и се запишуваат на посдипломски студии. Има повеќе такви случаи и на други факултети на УКИМ. Член 5 од правилникот на УКИМ, кој е на сила овозможува да се запишат на студиите. Го прочитале ова, писмени се!“, напиша Ајдински на својот Фејсбук-профил.

Ј.П.

 

 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ