До денес се пронајдени 29 гроба со останките на 5.000 до 8.000 луѓе на површина од скоро пет хектари, во близина на аеродромот во Одеса, изјави за Франс прес Сергеј Гуцаљук, шеф на регионалната канцеларија на Институтот за национално сеќавање.
Но тој број може дополнително да се зголеми додека продолжува ископувањето.
Останките се пронајдени откако локалните власти наредија пробен ископ за да се одобри работата за проширување на аеродромот, откако веќе беа пронајдени масовни гробници на местото.
Гуцаљук рече дека жртвите, жители на таа област, советската тајна полиција НКВД, претходник на КГБ, најчесто ги стрелала со куршум во темето. Жртвите биле погубени помеѓу 1937 и 1939 година, за време на теророт на Сталин.
Според него, нема да биде можно да се идентификуваат жртвите бидејќи Москва, која ги чува документите за овие чистки означени како тајни, „нема да ѝ ги предаде документите“ на Украина поради тензијата меѓу двете земји.
За време на пробното ископување во 1993 и 2008 година беа откопани речиси 1.600 останки, рече Гуцаљук.
Според процената на украинските историчари, стотици илјади Украинци биле погубени или затворени во гулази во чистките на Сталин во 1930-тите.
Едно од најозлогласените места за масовни егзекуции е една шума во близина на селото Бикивнија, недалеку од Киев, каде што од 1937 до 1941 година биле убиени и погребени десетици илјади жртви.
Милиони Украинци, исто така, загинале во вештачки предизвиканата глад (холодомор) од 1932 до 1933 година, што Украинците го сметаат за геноцид нареден од Сталин за да го задуши наводниот украински национализам.






