Демонстрантите излегоа на улиците на Картум и Омдурман носејќи судански знамиња и извикувајќи слогани против воената хунта, а во најновиот извештај на Ројтерс се наведува дека воените власти убиле двајца демонстранти во градот Омдурман.
Организациите што се борат за демократизација на општеството ги повикаа граѓаните да излезат на масовни протести низ целата земја и да бараат враќање на соборената преодна влада и ослободување на високите политички функционери од притвор, пренесува АП.
[video:https://www.youtube.com/watch?v=SM6ygvGR_Kk autoplay:0]Специјалниот пратеник на ОН за Судан, Вокер Пертс, завчера се сретна со генералот Мохамед Хамдан Дагало, кој го предводеше државниот удар, близок соработник на моќниот судански генерал Абдел-Фатах Бурхан.
Дагало командува со Силите за брза поддршка, паравоена единица што ги контролира улиците на главниот град Картум и која одигра голема улога во пучот.
Пертс на својот твитер-профил напиша дека „ја истакна потребата за смиреност“, апелираше до военото раководство да дозволи мирни протести и да избегне каква било конфронтација.
[video:https://www.youtube.com/watch?v=RZiazr_xxkk autoplay:0]Вчерашните протести најверојатно ќе го зголемат притисокот врз суданските армиски генерали, кои се изложени на сѐ поголема осуда од САД и другите западни земји и на апели за обновување на цивилната влада.
Демонстрациите беа организирани под слоганот „Враќањето назад е невозможно“, а демонстрантите бараа растурање на владејачкиот воен совет предводен од Бурхан, предавање на власта на цивилите, распуштање на паравоените групи и реструктурирање на воените, разузнавачките и безбедносните агенции за отстранување на офицерите сè уште лојални на поранешниот претседател, исламист и автократ Ал Башир.






