Жолто-сините комбиња на Самур сосиала, службата за итни случаи, кружат по Мадрид, каде денес се очекува температура од 42 степени.
„Луѓето кои живеат на улица се трудиме да ги убедиме да одат во прифатните центри“, вели Хесус Ромера, кој 15 години работи во таа служба. Имајќи предвид дека некои прифатни центри се веќе полни, Ромера се обидува да ги убеди бездомниците да се засолнат таму барем на неколку часа додека сонцето безмилосно го пече главниот град.
Температурата рапидно се качува на градскиот термометар, загрозувајќи го здравјето на луѓето кои спијат по парковите, на влезовите на банките меѓу банкоматите или под мостовите.
„Иако е тешко да се утврди точниот број, знаеме дека има повеќе смртни случаи во лето отколку во зима“, вели Ромера додека му дава шише вода на постар маж без покрив над главата. „Во зима луѓето потопло се облекуваат, но во текот на летото спијат на клупа, а ако притоа консумираат алкохол, здравјето им е навистина загрозено. Жештината затоа може да биде поопасна од студот“, додава тој.
„Кога ќе дојде топлотен бран, активираме специјални тимови за помош на постарите лица и на оние без покрив над главата. Имајќи ја предвид сегашната жештина, нашите вработени и волонтери работат седум дена во неделата“, објаснува Сузана Рохо, заменичка директорка на Црвениот крст во Сарагоса.
Во тој град на истокот на Шпанија температурата изнесува 41 степен, а градските власти ги намалија влезниците за базените за граѓаните да се разладат. Во северниот град Памплона фудбалскиот натпревар меѓу Осасуна и Еспањол е поместен утре од 17 часот во 22 часот. Температурата во јужниот град Кордоба би можела да достигне 47 степени.
„Жештината деновиве е неподнослива, па забележавме голем број луѓе кои се засолнуваат во нашите центри“, вели Белен Валера, координаторка на невладината организација Ацем во градот Мурсија. Во нивниот центар на бездомниците им се на располагање туширање и појадок. Ги советуваат како да го зачуваат здравјето.
„Иако сме инаку отворени само во текот на работната недела, сега сме отворени и за викенд, за луѓето да можат да добијат вода и да бидат во ладовина“, истакнува Валера.






