четврток, 23 април 2026

Амбасадорот на САД во НАТО: Му кажав на Вучиќ дека стратегискиот правец на Србија мора да биде усогласен со Западот

Американскиот амбасадор во НАТО Метју Витакер денес објави дека јасно му кажал на претседателот Александар Вучиќ дека Србија треба да се воздржи од соработка во одбраната и безбедноста со несигурни партнери и дека стратегиската насока на земјата мора да биде усогласена со Западот.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

По повод вчерашниот разговор во Белград, Витакер напиша на социјалната мрежа Икс дека имал конструктивна средба со Вучиќ за започнување нова ера во односите меѓу Соединетите Американски Држави и Србија.

„Ја цениме улогата на Србија во регионалната стабилност и со нетрпение ја очекуваме заедничката вежба меѓу Србија и НАТО во мај. Но, бев јасен: соработката на Србија во одбраната и безбедноста со несигурни партнери создава долгорочна стратегиска зависност што е тешко да се демонтира и ја комплицира идната соработка“, порача Витакер.

Тој истакна дека „за модерно партнерство ориентирано кон иднината, стратегиската насока на Србија мора да биде координирана со Западот“ и додаде дека „безбедноста зависи од изборот на вистинските партнери“.

Вучиќ вчера објави дека тој и Витакер разговарале за најважните безбедносни и политички прашања во регионот, позицијата на Србија во сложените геополитички околности и потребата од зачувување на мирот и стабилноста на Западен Балкан.

„Исто така, разменивме мислења за подобрување на односите меѓу Србија и САД, како и за формите на соработка кои можат да придонесат за поголемо меѓусебно разбирање и зачувување на мирот во регионот. Убеден сум дека отворениот разговор е важен, особено во време на големи предизвици и промени во меѓународните односи“, напиша Вучиќ на Инстаграм.

Витакер, кој вчера го посети и Центарот за деминирање во белградската општина Чукарица, денес објави дека во Белград имал „конструктивни состаноци насочени кон нова ера во односите меѓу САД и Србија“.

„Како сигурен партнер, градиме сојуз ориентиран кон иднината, насочен кон трајна стабилност во регионот. САД планираат дополнителни 1,5 милиони долари за деминирање – покрај веќе инвестираните 28 милиони долари. Србија има важен избор: иднината на безбедноста и растот со Западот“, порача Витакер на Икс.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ