петок, 24 април 2026

Кубанците почнаа да ја чувствуваат користа од руската нафта: „Бродот на Путин ја поправи ситуацијата и благодарни сме му“

Кубанците оваа недела почнаа да ги чувствуваат придобивките од неодамнешната испорака на 100.000 метрички тони руска нафта, привремен спас за земјата исцрпена од енергетската криза и прва голема пратка нафта на островот откако Соединетите Американски Држави ѝ го укинаа снабдувањето со гориво на почетокот на оваа година, пишува Ројтерс.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Танкерот „Анатолиј Колодкин“, кој плови под руско знаме, истовари околу 700.000 барели руска сурова нафта „Уралс“ во заливот Матанзас на Куба кон крајот на март, пркосејќи на американската блокада. Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп објави дека на танкерот му е дадена дозвола за испорака на нафта од „хуманитарни“ причини.

Испорачаната руска сирова нафта, рафинирана во производи како бензин, дизел и масло за греење, почна да ја напушта кубанската рафинерија Сиенфуегос на 17 април, соопштија властите.

Многу Кубанци велат дека почувствувале вистинско олеснување оваа недела, бидејќи ограничувањата за електрична енергија во некои области значително се ублажија по речиси четири месеци повеќечасовни плански прекини во снабдувањето со електрична енергија кои го исцрпија населението на островот од 10 милиони луѓе.

Јани Кабрера, 45-годишна работничка во приватниот сектор која живее во Хавана, вели дека забележала значително подобрување во изминатата недела.

„Бродот на Путин ја подобри ситуацијата и ние сме благодарни за тоа“, кажа Кабрера.

Руската амбасада во Куба, исто така, го прослави пристигнувањето на горивото оваа недела со пораката „Ура!“ на своите профили на социјалните мрежи, со снимки од дрон кои ја покажуваат Хавана ноќе, сега добро осветлена.

Министерот за енергетика Висенте де ла О Леви доцна во средата на државната телевизија предупреди дека олеснувањето ќе биде краткотрајно.

„Нема да ни купи многу време“, кажа Де ла О Леви, додавајќи дека на земјата ќе ѝ требаат осум бродови со слична големина секој месец за да ги задоволи потребите за производство на електрична енергија и индустријата.

„Она што ни остана (од испораката на руско гориво) е доволно само за уште неколку дена, до крајот на месецот“, кажа тој.

Русија објави дека подготвува уште една пратка гориво до долгогодишниот сојузник Куба, но пратката сè уште не е испратена.

Привремената пауза доаѓа во време кога комунистичката влада на островот продолжува со разговорите со администрацијата на Доналд Трамп, која вети дека наскоро ќе има „промени“ за Куба.

САД долго време бараат Куба да ја отвори својата државна економија, да плати репарации за имотот национализиран од владата на тогашниот лидер Фидел Кастро и да одржи „слободни и фер“ избори. Куба изјави дека нејзината форма на социјалистичко владеење не е предмет на преговори.

На почетокот на оваа година САД дополнително ги зголемија санкциите и притисокот врз островот, кога го суспендираа извозот на венецуелска нафта во Куба по грабнувањето на венецуелскиот претседател Николас Мадуро на 3 јануари. Трамп подоцна се закани со високи тарифи за секоја друга земја која испраќа сирова нафта во Куба, поттикнувајќи го Мексико, другиот голем снабдувач, да ги суспендира пратките до островот.

Недостигот од гориво во Куба придонесе за три големи прекини на електричната енергија на национално ниво и натера многу странски авиокомпании да ги суспендираат летовите до островот.

„Рускиот брод нема да го реши нашиот проблем, но донесе олеснување“, вели Естер Исасис, 70-годишна пензионерка која живее во Хавана. Таа кажа дека поради недостигот од гас за готвење, сè уште мора да готви на јаглен.

„Сè уште живееме под голем стрес“, вели таа.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ