„Црвено-црните“ одиграа одличен натпревар, водеа од стартот и го одбележаа натпреварот на кој се прослави 65-годишнината од постоењето на ракометниот клуб. Градскиот ривал парираше на стартот и се бореше само во првото полувреме, а потоа домашните во СЦ „Јане Сандански“ речиси рутински ја завршија задачата.
Стартот на средбата беше израмнет, водеше и Алкалоид во два наврати последно со 3-4, но потоа домашните се наметнаа. Го презеде Вардар водството и стигна до „плус три“, резултат кој начесто се провлекуваше до крајот на првиот дел. Пред паузата успеа Алкалоид да се врати до 15-14, меѓутоа со два гола на Тузолана и Малус домашните на одмор заминаа со 17-14.
Продолжи Вардар онаму каде што застана, па набрзина дојде до пет разлика (20-15) по само две ипол минути во вториот дел. Имаше тимот на Лазаров уште еден налет и се врати до 22-19, ама тоа беше сè. Набргу избраниците на Чупиќ пак се наметнаа, направија мини-серија од 3-0 и стигнаа до „плус шест“. До крајот вардарци рутински си ја завршија задачата и сега се на еден бод до враќање на титулата во Скопје, а во следниот меч ќе го дочекаат Еурофарм Пелистер.
Јака Малус беше најефикасен играч во таборот на Вардар со осум гола, додека кај Алкалоид се истакна Ненад Костески со шест.






