Во Белгија досега беше во сила само препорака за работа од дома за да се намали преносот на вирусот меѓу вработените.
Обврската за работа од дома, таму каде што е можно, ќе стапи во сила на 20 ноември.
„Целта на оваа мерка е да се ограничат заразувањата на работното место, како и во јавниот транспорт“, велат белгиските власти.
Белгиските власти повикуваат на максимална физичка дистанца меѓу луѓето, а контактите да бидат ограничени, особено во затворени простории.
Ковид-пропусниците, кои се неопходни за влез во белгиските барови, ресторани и настани со повеќе од 50 лица во затворени простории, односно 100 лица на отворено, сега ќе бидат придружени со задолжително носење заштитни маски.
На денешната седница на Консултативната комисија беше донесена одлука за обврска за носење заштитни маски на сите затворени јавни простори и јавниот превоз за сите лица постари од 10 години.
„Девет од десет граѓани се вакцинирани и тоа е причината поради која не сме повторно во полициски час“, изјави премиерот на Белгија, Александар де Кро.
Последнава недела Белгија бележи просечно над 10.000 нови инфекции на дневна основа, што е за речиси 30 проценти повеќе отколку во почетокот на ноември.
Над 230 луѓе дневно се примаат во болници, а во просек 26 луѓе умираат секој ден како последица на инфекција со коронавирусот.






