Најмалку 24 новинари се убиени поради известување, а 18 други умреле во околности кои отежнуваат утврдување дали биле мета поради својата работи, објави ЦПЈ во своето годишно истражување за слободата на медиумите и нападите врз медиумите.
Иако причините за затворање на новинарите се разликуваат од земја до земја, рекордниот број ги одразува политичките потреси низ светот и растечката нетолеранција кон независното истражување, според непрофитната организација во САД.
„Ова е шеста година по ред ЦПЈ да документира рекорден број новинари затворени низ светот“, изјави извршниот директор на ЦПЈ Џоел Сајмон.
„Бројот одразува два нераскинливи предизвици – владите се решени да ги контролираат и да управуваат со информациите, а се по безобразни се во своите напори да го прават тоа“.
Кина затворила 50 новинари, најмногу од сите земји, потоа Мјанмар со 26, кој апсеше новинари во рамки на пресметката по воениот удар на 1 февруари, потоа Египет со 25, Виетнам со 23 и Белорусија со 19.
Првпат листата на ЦПЈ вклучува и новинари затворени во Хонг Конг, што е нуспојава на законот за национална безбедност од 2020, според кој сè што Пекинг го смета за субверзија, сецесија, тероризам или соработка со странски сили се казнува и со доживотен затвор.
Мексико, каде новинарите често се мета кога нивната работа ќе ги вознемири криминалните банди или корумпираните функционери, останува најсмртоносната земја на западната хемисфера за новинарите, според ЦПЈ.






