Јавните обвинители на Алјаска, Арканзас, Ајова, Мисури, Монтана, Небраска, Њу Хемпшир, Северна Дакота, Јужна Дакота и Вајоминг поднесоа заедничка тужба до федералниот суд во Мисури.
Друга група држави, вклучувајќи ги Џорџија, Алабама, Ајдахо, Канзас, Јужна Каролина, Јута и Западна Вирџинија, поднесоа тужба до федералниот суд во Џорџија.
Флорида и Тексас поднесоа индивидуални тужби против администрацијата на претседателот Џозеф Бајден.
Сите овие држави бараат да се блокира барањето на Бајден сите вработени во федералните компании да бидат обврзани да се вакцинираат против коронавирусот до 8 декември. Тие држави сметаат дека федералните власти ги пречекориле своите овластувања.
Правилото на Бајден важи за сите поединци и работодавци што според договор извршуваат одредени работи или ѝ даваат услуги на која било федерална агенција или министерство.
Бајден неодамна рече дека наредбите за вакцинација на федерално ниво ќе помогнат во борбата против епидемијата на коронавирусот.
Државите наведуваат дека сакаат да го блокираат планот на Бајден федералната управа за безбедност и здравје при работа да нареди задолжителна вакцинација во сите приватни компании со 100 или повеќе вработени.
Овие држави сметаат дека многу вработени во федералните и приватните компании ќе дадат отказ, со што ќе се намали работната сила или дека оваа мерка ќе ги обврзе работодавците да ги отпуштаат невакцинираните работници, што ги прекршува правилата и законите.






