„Меморандум за разбирање“ потпишаа Хорхе Родригез во име на претседателот Николас Мадуро и Жерардо Балјд за Платформата Унитарија во име на опозицијата, јави Франс прес.
Содржината на меморандумот не е откриена.
Целта на овие преговори кои се организираат по неуспехот на преговорите на Барбадос во 2019 и во Доминиканската Република во 2018 е да се стави крај на големата политичка и економска криза која ја нагризува Венецуела.
Преговорите се организираат во главниот град Мексико со посредување на Норвешка и под покровителство на мексиканската влада.
Страните повторно ќе се сретнат на 30 август за да разговараат за планот во седум точки кој сепак не предвидува заминување од власта на социјалистичкиот претседател Николас Мадуро кого опозицијата го обвинува за местење на изборите во 2018 на кои освои уште еден шестгодишен мандат.
Мадуро во четвртокот предупреди дека нема да попушти пред „уцените и заканите“ на Вашингтон кој побара „искрени разговори“ за да се отстранат проблемите на поранешната нафтена сила.
Вашингтон го признава Хуан Гуаидо кој се прогласи за претседател во 2019, а сега е во рацете на поддржувачите на поранешниот претседател Хуго Чавез.
Обидувајќи се да го ослаби Мадуро поранешниот американски претседател Доналд Трамп ѝ воведе на Венецуела низа санкции, меѓу кои и нафтено ембарго, кое неговиот наследник Џо Бајден сака да го ублажи ако преговорите доведат до нови избори.
„Режимот на Мадуро може да создаде услови за попуштање на санкциите со тоа што ќе им овозможи на Венецуелците учество на слободни избори“, кажа за Франс прес портпаролот на Стејт департментот пред преговорите.
И Канада и Европската Унија најавија дека се спремни да ги преиспитаат своите санкции.
Поради кризата пет милиони луѓе ја напуштија Венецуела.






