Забележаниот пад на ефикасноста на вакцината Фајзер се совпаѓа со ширењето на делта-сојот и укинувањето на мерките за социјална дистанца во Израел.
Ефективноста на вакцината во спречувањето инфекција и симптоми на болест е намалена на 64 проценти од 6 јуни, соопшти израелското Министерство за здравство. Во исто време, вакцината била 93 проценти ефикасна во спречувањето хоспитализација и тешки форми на ковид-19.
Министерството не го наведе претходното ниво на заштита од вакцините, ниту даде други детали. Сепак, претставниците на Министерството во мај објавија извештај дека две дози од вакцината на Фајзер обезбедуваат повеќе од 95 проценти заштита од инфекција, хоспитализација и тешки форми на болеста.
Портпаролот на Фајзер одби да ги коментира податоците од Израел, но наведе други истражувања што покажуваат дека антителата предизвикани од вакцини сепак можат да ги неутрализираат сите тестирани соеви на вирусот, меѓу кои и делта, иако со намалена сила.
Околу 60 проценти од израелското население, од 9,3 милиони, примило барем една доза од вакцината на Фајзер. За време на кампањата за вакцинација, дневниот број на нови случаи беше намален од повеќе од 10.000 во јануари на едноцифрен минатиот месец.
Ова го поттикна Израел да ги укине скоро сите мерки на физичко растојание, како и носењето маска. Во исто време почна да се шири делта-сојот, кој стана глобално доминантна варијанта на коронавирусот.
Оттогаш, дневниот број на нови случаи постепено порасна на 343 во неделата. Бројот на сериозно болни се зголеми од 21 на 35.
Научникот Еран Сегал од Институтот за наука во Вајзман процени дека Израел веројатно нема да го има високото ниво на хоспитализации што ги имаше во почетокот на годината, бидејќи оттогаш има многу помалку критични случаи.
Тој смета дека „нормалниот живот треба да се продолжи без ограничувања“, со понатамошни вакцинации, како и со тестирање на Израелците што се враќаат дома од странство.






