вторник, 5 мај 2026

Украинскиот претседател вети парична награда за оние кои ќе се вакцинираат со две дози

Објавено на

часот

Сподели

„Секој што ќе прими две дози ќе добие 1.000 гривни“ или околу 35 евра, што не е занемарлива сума во земјата која е меѓу најсиромашните во Европа, рече Зеленски во видео порака, додека до денес помалку од една третина од населението е вакцинирано.

Вакцинираните ќе можат таа сума да ја потрошат за претплата во сала за вежбање, посета на кино, театар или музеј или на билет за воз или авион во земјата, додаде тој.

„Тоа е поддршка за индустриите кои најмногу настрадаа поради затворањето“, рече Зеленски. Државата ќе одвои 200 милиони евра во наредните месеци за оваа програма, која започнува на 19 декември, додаде тој.

Со 442 смртни случаи поради коронавирус во последните 24 часа, поранешната советска република со слаб јавно здравствен систем вчера беше втора во светот по бројот на починати на ден, после Русија (1.211).

Оваа земја со околу 40 милиони жители веќе со недели се бори со најлошиот бран на новиот коронавирус во кој преовладува делта варијантата и недовербата на јавноста кон вакцината.

Вакцинацијата беше забрзана во октомври под притисок на властите кои воведоа ограничувања за невакцинираните, како што е обврската да се покаже здравствена пропусница за пристап до некои јавни места. Но, до денес, само 28 отсто од Украинците примиле две дози од вакцината против ковид-19, соопшти министерството за здравство.

„Врвот на бранот (пандемијата) помина“, рече Зеленски, наведувајќи го минатонеделниот пад на бројот на нови инфекции за 6 отсто и хоспитализации за 13 отсто во споредба со претходните седум дена. Украина, која има речиси 45 милиони жители, пријавила 3,2 милиони заразени и повеќе од 77.000 починати.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ