петок, 7 ноември 2025

Украина купува до 150 моќни шведски „грипен“

Украинскиот претседател Володимир Зеленски денес ги посети Норвешка и Шведска на разговори за понатамошна поддршка на Украина со лидерите на скандинавските земји. Посетата резултираше со норвешко ветување за енергетска помош и потпишување писмо за намера со Шведска за потенцијално купување до 150 борбени авиони „грипен“, објави Киев индепендент.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Зеленски беше пречекан во Шведска од премиерот Улф Кристерсон, а средбата се одржа во градот Линкопинг, седиштето на одбранбената компанија Сааб, која ги произведува борбените авиони „грипен“. Двајцата лидери потпишаа писмо за намера за долгорочна одбранбена соработка. Иако меморандумот не подразбира итни испораки, тој отвора можност за голем договор кој би вклучувал 100 до 150 борбени авиони „грипен Е“.

„Ова е почеток на долго патување од 10-15 години“, рече Кристерсон пред изложениот борбен авион „грипен Е“. „Сааб ЈАС 39 грипен“ е лесен повеќенаменски борбен авион од 4,5 генерација, а Киев и Стокхолм претходно разговараа за можноста за негова испорака на украинските воздухопловни сили.

„Силна и способна Украина е клучен приоритет за Шведска и ние ќе продолжиме да осигуруваме дека Украина може да се бори против руската агресија“, рече Кристерсон.

Пред да пристигнат во Шведска, Зеленски и првата дама Олена Зеленска го посетија Осло, каде што се сретнаа со норвешкиот премиер Јонас Гар Стоере. Норвешка вети дека ќе ѝ обезбеди на Украина околу 150 милиони долари за купување гас за претстојната зима, во време кога Русија ги засилува нападите врз украинската енергетска инфраструктура.

„Енергетската поддршка е исклучително важна“, нагласи Зеленски, заблагодарувајќи ѝ се на Норвешка за нејзината помош.

Дипломатската турнеја на Зеленски доаѓа само неколку дена по напнатиот состанок со американскиот претседател Доналд Трамп, кој одби да ја вооружи Украина со ракети „томахавк“ и наводно се залагаше за руски територијални претензии. Европските партнери ја зголемуваат поддршката за Киев поради неизвесноста околу идните потези на Вашингтон, особено откако беше одложен планираниот самит меѓу Трамп и рускиот претседател Владимир Путин.

По посетите на Шведска и Норвешка, Зеленски треба да отпатува за Брисел на 23 октомври, а потоа во Лондон на состанок на европската „Коалиција на спремните“ закажан за 24 октомври.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ