Морди и Натали Окнин биле уапсени на 9 ноември. Турски државјанин, кој бил во нивно друштво исто така бил уапсен под обвинение за политичка и воена шпионажа, објави државната новинска агенција Анадолија.
Семејството на уапсените вели дека парот, возачи на најголемата израелска автобуска компанија, бил на одмор.
„Благодарам на целата земја Израел. Им благодариме на сите што ни помогнаа и нè поддржаа да се ослободиме“, им рече Натали Окнин на новинарите откако таа и Морди се вратија во Тел Авив со изнајмен приватен авион.
Израел ги отфрли обвинувањата за шпионажа против парот, велејќи дека тие не работат за ниту една израелска државна агенција и испрати висок пратеник во Турција да бара нивно ослободување.
Во заедничката изјава, премиерот Нафтали Бенет и министерот за надворешни работи Јаир Лапид им се заблагодарија на Ердоган и на турската влада за „соработката“.






