Синоќа силен дожд и ветер го погодија југозападниот дел на земјата, кој најтешко настрада во земјотресот во саботата, а властите предупредија дека врнежите во некои области би можеле да достигнат 38 сантиметри пред да помине невремето, а и во главниот град Порт о Пренс се забележани обилни врнежи, пренесува Асошиејтед прес.
Невремето и дождот ја зголемуваат опасноста од лизгање на земјиштето во момент кога државната Агенција за цивилна заштита потврди веќе 1.419 смртни случаи во земјотресот, а бројот на повредени е зголемен на 6.000, од кои многумина чекаат медицинска помош и лежат по ходниците, терасите и пред болниците во екстремни временски услови.
[video:https://youtu.be/TImecWFmm8Y autoplay:0]Земјотрес со јачина од 7,2 степени по Рихтер го погоди Хаити во саботата, а епицентарот беше на 125 километри западно од Порт о Пренс. Властите соопштија дека во потресот се уништени над 7.000 домови, а речиси 5.000 се оштетени, со што 30.000 семејства останаа без покрив над глава.
Болници, училишта, трговски центри и цркви се исто така уништени или тешко оштетени.
Земјотресот речиси целосно уништи некои градови на југозападот, во последната катастрофа што ја снајде земјата, откако жителите на Хаити веќе се борат со пандемијата на коронавирусот, насилството на бандите, влошувањето на сиромаштијата и политички тензии по убиството на претседателот Жовенел Моиз на 7 јули.
[video:https://youtu.be/BajkhpVNYT8 autoplay:0]





