Од конфликтот се издигна како неприкосновен победник на дваесетгодишната војна, пишува Гардијан.
Додека Хаибатула Акунџада е севкупниот лидер на талибанците, Барадар е нивниот политички поглавар и нивното најпрепознатливо лице. Тој синоќа вечерта тргна од својата канцеларија во Доха кон Кабул. Во телевизиската изјава за падот на авганистанската престолнина кажа дека вистинскиот тест на талибанците допрва почнува и дека мора да ѝ служат на нацијата.
Приказната за неговиот возрасен живот е приказна за постојаниот, безмилосен конфликт во земјата.
Репутација на моќен војсководец
Роден во провинцијата Урузган во 1968 година, тој се борел во авганистанските муџахедини против советите во 1980-тите. Откако Русите се повлекоа во 1992 и кога земјата падна во граѓанска војна меѓу соперничките племенски лидери, Барадар во Кандахар со својот поранешен командант Мохамед Омар ги формираше талибанците, движење кое го предводеа млади исламисти посветени на верско прочистување на земјата и создавање емират.
Поттикнати од верскиот фанатизам, широко распространетата омраза кон племеските лидери и значајна поддршка од пакистанската разузнавачка агенција ИСИ, талибанците во 1996 година дојдоа на власт по низата освојувања на провинциските престолнини кои го изненадија светот. Барадар, заменикот на Мула Омар за кого се веруваше дека е многу ефикасен стратег, беше клучната алка во тие победи.
Барадар имал низа воени и административни улоги во петгодишниот талибански режим, а во моментот кога САД и нивните сојузници го урнаа од власт беше заменик министер за одбрана.
Во текот на 20-годишното талибанско прогонство Барадар имаше репутација на моќен војсководец.
Владата на американскиот претседател Барак Обама, меѓутоа, повеќе се плашеше од неговата воена експертиза отколку што веруваше во неговите наводни политички поумерени ставови. ЦИА му влезе во трага во 2010 во Карачи, а во февруари истата година му наложи на ИСИ да го уапси.
Потпишувањето на договорот во Доха
Меѓутоа, во 2018 ставот на Вашингтон се смени и авганистанскиот претставник на Доналд Трамп, Залмај Халилзад побара од Пакистанците да го ослободат Барадар за да може да ги води преговорите во Катар, врз основа на уверувањето дека ќе се задоволи со договор за поделба на власта. „Никогаш не видов никаква реална основа на тој став, туку само преземање на некаква митска идеја“, кажа поранешниот функционер.
Барадар во февруари 2020 година го потпиша договорот со САД во Доха, што администрацијата на Трамп го поздрави како чекор кон мирот, што сега изгледа само како отворен пат за целосна победа на талибанците.
По договорот на САД и талибанците меѓусебно да не се борат, требаше да следат преговори за поделбата на власта меѓу талибанците и кабулската влада на Ашраф Гани. Тие разговори малку напредуваа, а потоа дојде до сопнување. Сега е јасно дека Барадар и талибанците си играле некое време, чекајќи да заминат Американците и ја подготвувале последната офанзива. Барадар животот го научил на трпение и верба во конечната победа, заклучува Гардијан.






