„По 20 години борба ја еманципиравме земјата и ги протеравме странците“, рече портпаролот Забиула Муџахид кој за првпат се појави пред камерите.
„Ова е горд момент за целата нација“, рече тој.
„Сакаме да се осигуриме во Авганистан веќе да не се војува. Им простивме на сите што се бореа против нас. На непријателствата им дојде крај. Не сакаме никакви надворешни или внатрешни непријатели“, рече Муџахид.
„Би сакал да ја уверам меѓународната заедница дека нема да повредиме никого, не сакаме да имаме проблеми со меѓународната заедница. Имаме право да делуваме во согласност со нашите верски принципи. Други земји имаат различни пристапи, правила и прописи… Авганистанците имаат право да имаат свои правила и прописи во согласност со нашите вредности. Ние сме посветени на правата на жените според шеријатскиот систем. Тие ќе работат рамо до рамо со нас. Би сакале да ја увериме меѓународната заедница дека нема да има дискриминација“, изјави портпаролот на талибанците.
„Ги гарантираме сите права на жените во склад со шеријатскиот закон. Жените можат да работат во образованието и здравството. Ако меѓународната заедница е загрижена, нека знаат дека нашите жени ќе ги имаат сите права според шеријатскиот закон. Нашите жени се муслиманки и мора да го почитуваат шеријатскиот закон“, рече портпаролот.
Тој, исто така, рече дека слободата на медиумите е важна. „Медиумите мора да бидат непристрасни. Мораат да обрнат внимание на нашите недостатоци за да бидеме подобри“, рече Муџахид.
„Но, ништо не смее да биде против правилата на исламот. Медиумите не треба да работат против нас, треба да работат за единството на земјата“, додаде тој.
“Unfortunately the last government was weak, they didn’t keep their promises”
Taliban spokesman Zabihullah Mujahid tells Kabul residents “their security is ensured” as he addresses Afghans for first time since the group took took control
Latest: https://t.co/IUtAPurBs4 pic.twitter.com/0NLuuc6FwE
— BBC Breaking News (@BBCBreaking) August 17, 2021
„Ја освоивме целата земја за неколку дена, но не сме арогантни поради тоа. Моменталната ситуација е сè уште воена, но кога ќе формираме влада, сè ќе биде многу појасно“, изјави портпаролот на талибанците. „Ова е муслиманска земја, како што беше и пред 20 години, но ние се сменивме во тој период. Законите што ќе важат во земјата ќе бидат одговорност на идната влада“, додаде тој.
На прашањето за изведувачите и преведувачите кои работеа со странски сили, Муџахид рече: „Нема да се одмаздуваме на никого“.
„Младите луѓе кои пораснаа овде не сакаме да си заминат. Тие се нашето богатство. Никој нема да им тропне на врата и да ги праша за кого работеле“, додаде тој. „Ќе бидат на безбедно. Никој нема да биде испрашуван или прогонуван. Им простивме на сите во корист на стабилноста и мирот во Авганистан. Нашите борци, нашите луѓе, сите ќе се погрижиме да ги вклучиме сите други страни и фракции”, рече Муџахид.






