петок, 24 април 2026

Талибанците заземаа десетти стратешки град за една недела

Објавено на

часот

Сподели

Газни се наоѓа на 150 километри југозападно од Кабул на древен пат што го поврзува главниот град со вториот по големина град Кандахар.

Талибанците ги заземаа владините канцеларии во Газни по тешки борби, изјави претставник на безбедносните сили.

„Сите локални службеници, вклучително и гувернерот на покраината, се евакуирани кон Кабул“, изјави анонимен службеник за Ројтерс.

Интензивни борби се водат и во Кандахар.

По повлекувањето на меѓународните сили предводени од САД, чии последни војници ќе ја напуштат земјата до крајот на месецот, талибанците заземаа две третини од земјата.

Дури и кога исламистичка група владееше со земјата, од 1996 до 2001 година, таа не го контролираше целиот север. Талибанците сега се чини дека сакаат да обезбедат контрола врз целиот север од земјата пред офанзивата врз Кабул.

Бидејќи руралните населби им се премногу тешки за одбрана, владините сили се повлекоа за да го заштитат Кабул и другите градови, поради што илјадници семејства ги напуштиле руралните области со надеж дека ќе бидат побезбедни во градовите.

Талибанците велат дека го презеле покраинскиот затвор на Кандахар.

„Борбите престанаа дури во 4 часот наутро, а потоа по првата молитва повторно почнаа“, рече еден хуманитарен работник во Кандахар.

Талибанците рекоа дека ги окупирале аеродромите надвор од градовите Кундуз и Шеберган на север и Фарах на запад, што дополнително го отежнува снабдувањето на опколените владини сили.

Милитантите велат дека го зазеле и Лашкар Гах, центарот на јужната покраина Хелманд.

Кандахар и други јужни и источни покраини долж границата со Пакистан веќе долго време се главно упориште на талибанците, но неодамна талибанците постигнаа најголем напредок на север.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ