Голем дел од парите што се бараат од партнерите на СЗО се потребни за купување тестови, кислород и маски за лице за посиромашните земји, според документот, кој се очекува да биде објавен оваа недела.
Според извештајот, кој сѐ уште е подложен на промени, презентирани се резултатите и финансиските потреби на програмата AЦT за поддршка на вакцини, третман и дијагноза на ковид-19 низ целиот свет.
Програмата, која беше воспоставена во почетокот на пандемијата, сѐ уште е недоволно финансирана, а нејзините координатори стравуваат дека ќе остане таква, изјави за Ројтерс неименуван претставник на AЦT.
Како резултат на тоа, СЗО намали скоро 5 милијарди американски долари во своите вкупни дополнителни барања за финансирање, покажува документот, додека и натаму се потребни 16,8 милијарди долари, речиси онолку колку што беа собрани досега, и итно се потребни 7,7 милијарди долари.
Во документот, исто така, се бараат дополнителни 3,8 милијарди долари за да може да се испорачаат 760 милиони дози вакцини против ковид-19 следната година.
„Овие опции за купување мора да се имплементираат во наредните месеци или ќе се изгубат дозите вакцини“, предупредува документот.
Генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус, минатата недела рече дека итно се потребни 7,7 милијарди долари, но не даде преглед на планираните трошоци и не кажа колку дополнителни пари се потребни за вакцини.
Дел од проектот за дистрибуција на вакцини сѐ повеќе се потпира на донации од богатите земји, наместо на сопствени резерви, откако клучниот индиски производител го ограничи извозот на вакцини за да го зголеми сопственото производство на вакцини.






