„Вчера рано наутро тргнав на настава. Во еден момент, група жени истрчаа од студентскиот дом. Прашав што се случило, а една од нив ми рече дека полицијата ги евакуира бидејќи талибанците пристигнале во Кабул и дека ќе ги тепаат жените што не носат бурка.
Сите сакавме да си одиме дома, но не можевме да користиме јавен превоз. Возачите не не пуштаа во автомобилите бидејќи не сакаа да преземат одговорност за превоз на жени. Беше уште полошо за жените од студентскиот дом, кои се надвор од Кабул и беа исплашени и збунети каде треба да одат.
Во меѓувреме, мажите што стоеја наоколу ги исмеваа девојките и жените, смеејќи се на нашиот страв.
„Оди и облечи бурка“, рече еден. „Последни денови ви се на улица“, рече друг. „Ќе оженам четири од вас во еден ден“, рече третиот.
Малку ми недостасува да добијам две дипломи од два најдобри универзитети во Авганистан. Требаше да дипломирам во ноември, но утрово сето тоа исчезна.
Работев толку денови и ноќи за да станам личноста што сум денес, и утрово кога се вратив дома, јас и сестрите прво ги сокривме личните карти, дипломите и сертификатите. Тоа беше поразително. Зошто треба да ги криеме работите со кои би требало да се гордееме? Во Авганистан, сега не смееме да бидеме познати како луѓето што сме.
Како жена, се чувствувам како да сум жртва на оваа политичка војна што ја започнаа мажите. Се чувствувам како повеќе да не можам гласно да се смеам, повеќе не можам да ги слушам моите омилени песни, повеќе не можам да сретнам пријатели во нашето омилено кафуле, повеќе не можам да го носам омилениот жолт фустан или розовиот кармин. И повеќе не можам да одам на работа или да го завршам факултетот на кој работев со години.
Сакам да одам на маникир. Денес, додека одев накај дома, погледнав кон салонот за убавина каде одев на маникир. Предниот дел на продавницата, кој беше украсен со прекрасни слики на девојки, беше обоен во бело.
Сè што можев да видам околу мене беа исплашени лица на жени и грди лица на мажи кои мразат жени, на кои не им се допаѓа жените да се образуваат, да работат и да имаат слобода. Наместо да стојат покрај нас, тие стојат покрај талибанците и им даваат уште поголема моќ.
Авганистанките жртвуваа многу за таа мала слобода што ја имаа. Бев сираче и ткаев теписи само за да можам да се образувам. Се соочив со голем број финансиски предизвици, но имав многу планови за својата иднина. Не очекував сè вака да заврши.
Сега се чини дека треба да изгорам сè што постигнав во 24 години од мојот живот. Да се има лична карта или награди од Американскиот универзитет сега е ризично; дури и да ги чуваме, нема да можеме да ги користиме. За нас во Авганистан нема работа.
Додека провинциите паѓаа една по друга, мислев на моите прекрасни момински соништа. Моите сестри и јас не можевме да спиеме цела ноќ, сеќавајќи се на приказните што ни ги раскажуваше мајка ми за добата на талибанците и начинот на кој тие се однесувале кон жените.
Не очекував дека повторно ќе ни бидат одземени сите основни права и дека ќе патуваме назад во времето пред 20 години. Дека по 20 години борба за нашите права и слободи треба да носиме бурки и да го криеме својот идентитет.
Во последните месеци, кога талибанците ја презедоа контролата врз провинциите, стотици луѓе ги напуштија своите домови и дојдоа во Кабул за да ги спасат своите девојки и сопруги.
Живеат во паркови или на отворено. Бев дел од група студенти на Американскиот универзитет кои се обидуваа да им помогнат собирајќи донации во готовина, храна и други работи, па делејќи им ги.
Не можев да ги сопрам солзите кога ги слушнав приказните на некои семејства. Еден во војната го загубил синот и немал пари да плати такси за Кабул, па затоа ја дал снаата во замена за превоз. Како може вредноста на жената да биде еднаква на трошоците за патување?
Денес, кога слушнав дека талибанците стигнале до Кабул, почувствував дека ќе станам робинка. Можат да си играат со мојот живот како што сакаат.
Работев и како наставничка во образовен центар за учење англиски јазик. Не можам ни да помислам дека повеќе нема да можам да стојам пред клас. „Секој пат кога ќе помислам дека моите прекрасни девојчиња треба да го прекинат образованието и да останат дома, почнувам да плачам“, вели студентка од Кабул за Гардијан.






