Владата ја објави епидемиолошката рамка која ќе биде на сила за време на божиќните и новогодишните празници, а која е значително поблага од минатогодишната кога речиси сè беше затворено.
За разлика од минатата година, полноќните служби ќе се одржуваат во црквите, но ќе можат да присуствуваат само вакцинирани, оние кои прележале ковид-19 или имаат негативен тест.
За време на божиќните и новогодишните празници, 24, 25 и 31 декември, како и на 1 јануари ќе биде дозволено собирање луѓе од најмногу три домаќинства, под услов претходно да се тестираат сите постари од шест години, соопшти словенечката влада.
На угостителските локали им е дозволена и жива музика, а гостите ќе може да се тестираат и непосредно пред влегувањето во просторот.
„Состојбата е подобра и има сè помалку хоспитализирани, но сè зависи од ширењето на омикрон сојот на вирусот бидејќи се смета дека е поприсутен отколку што покажуваат анализите“, изјави на прес-конференција началничката на љубљанската клиника за заразни болести Татјана Лејко Зупанц.






