Телото на млад човек од сириска националност било пронајдено во петокот во шумата, соопшти полицијата и додаде дека причината за смртта не можело да се утврди на самото место.
Според медиумите, од почетокот на мигрантската криза на границата меѓу Полска и Белорусија загинале вкупно 11 лица.
Полската полиција соопшти дека околу 100 луѓе се обиделе да ја преминат границата во текот на ноќта. Се додава дека мигрантите од белоруската страна побегнале кога ги виделе полицајците и војниците.
Неколку илјади мигранти, главно од Африка и од Блискиот Исток, во последниве месеци ја преминале или се обиделе да ја преминат белоруската граница во Литванија, Полска и Летонија.
Европската Унија го обвини белорускиот претседател Александар Лукашенко дека намерно ја предизвикал мигрантската криза.






