Шпанија, земја што во почетокот на пандемијата беше меѓу најтешко погодените, во моментов има една од најниските стапки на зараза во Европа – само 63 случаи на зараза на сто илјади луѓе во последниве 14 дена.
Во Велика Британија стапката е 12 пати поголема, во Германија и во Полска шестпати, според анализата на АФП базирана на официјалните податоци.
Премиерот Педро Санчес кажа во средата дека еволуцијата на пандемијата во Шпанија била „позитивна“.
„Имаме повеќе од доволно причини да се чувствуваме горди со тоа што го постигнавме“, додаде тој.
Околу 79 отсто од популацијата се целосно вакцинирани, во споредба со само 67 отсто вакцинирани во Велика Британија и во Германија.
Шпанија особено се истакнува според вакцинацијата на ранливите, повозрасни старосни групи. Повеќе од 99 отсто Шпанци повозрасни од 70 години се вакцинирани со двете дози.
Во Шпанија нема двоумење спрема вакцината, програмата на вакцинацијата е спроведена според старосните групи, почнувајќи од најстарите, и тоа донесе добри резултати, рече Инјаки Комас, истражувач во Биомедицинскиот институт во Валенсија.
Умерената клима во Шпанија исто така помогна во спречувањето на ширењето на вирусот зашто луѓето може да се собираат на отворено.
И додека ограничувањата за повеќето општествени собирања се укинати, во затворените јавни простори и понатаму се бараат маски.
Меѓутоа, експертите предупредуваат дека со настапувањето постудено време, со тоа што заштитата стекната со вакцинацијата со текот на времето опаѓа и што новите варијанти полесно се шират, стапката на заразата веројатно расте.
„Овие три фактори се поволна почва за коронавирусот“, рече Комас, додавајќи дека Шпанија „влегува во мошне критичен момент“.
Институтот за здравствени метрики и евалуација (ИХМЕ) на Универзитетот Вашингтон предвидува дека во Шпанија бројот на заразите ќе почне да расте во вториот дел од ноември и ќе достигне врв на крајот на годината.
„Стапките на инфекцијата може да бидат високи, но ако луѓето се вакцинирани и ако не се многу болни, тоа не би требало да биде проблем“, вели Комас.






