„Руската војска ги следи тие бродови во Црното Море и не смее да дозволи провокации од нивна страна“, кажа Шојгу за телевизијата Русија 1.
„Знаете, кога ќе видиме воен брод на нерегионална сила како влегува во Црното Море и носи прецизно оружје со долг дострел, нормално дека сфаќаме дека не е во туристичка тура, го следиме и знаеме дека во секој момент се можни некои провокации, како што тоа беше неодамна со британскиот разурнувач. Нормално дека мора да спречиме такви нешта“, кажа Шојгу.
Тој истакна дека САД „не се сами во таквите тестови на силата и таквиот пристап“.
„Колку што разбрав, тие планираат воени вежби со нашите соседи, со грузиската и украинската морнарица. Но ние исто така одржуваме вежби и ќе продолжиме да го правиме тоа“, истакна рускиот министер.
Во моментов во Црното Море има два американски воени брода, командниот брод Маунт Витни и разурнувачот Портер вооружен со крстосувачки ракети, а будно ги следат силите на руската Црноморска флота.
Американската Шеста флота претходно соопшти дека воените бродови распоредени во Црното Море се за заеднички операции со сојузниците и партнерите од НАТО во регионот.






