За укинување на имунитетот на шефот на пратеничкиот клуб Австриска народна партија (ОВП) гласаше и неговата партија, која смета дека е неопходно што поскоро да се разјаснат обвинувањата.
Откако поднесе оставка како канцелар, Курц беше заштитен со пратенички имунитет откако премина во парламентот.
Тој е под истрага за проневера на пари, а обвинет е и дека дал лажен исказ пред парламентарната истражна комисија, поврзано со аферата Ибица.
Курц ги негира сите обвиненија против него.
Серијата претреси на 6 октомври во канцеларијата на канцеларот, седиштето на ОВП и во Министерството за финансии доведоа до неколку откритија поради што Курц набргу поднесе оставка. Но, тој остана пратеник и продолжува да ја води партијата и пратеничкиот клуб.






