петок, 24 април 2026

Сѐ помалку време, луѓето се евакуираат од Авганистан: ако американските сили останат по 31 август, можна е војна

Објавено на

часот

Сподели

Американскиот претседател Џозеф Бајден вчера објави дека ќе го почитува рокот за целосно повлекување на силите од Авганистан, за што е одреден 31 август.

Талибанските екстремисти, кои пред две недели насилно ја презедоа власта во речиси целата земја, инсистираат САД да го исполнат тој рок, со што се зголеми притисокот врз многу земји да евакуираат што е можно повеќе луѓе од аеродромот во Кабул во наредните денови.

Се верува дека уште илјадници сакаат да го напуштат Авганистан, плашејќи се од бруталното владеење на талибанците, но не е јасно дали ќе има доволно време да се евакуираат сите до 31 август.

Евентуалната одлука на Бајден подолго да ги задржи американските сили во Авганистан може да доведе до нивна војна со талибанците.

Полска вчера објави дека ги завршила операциите за евакуација од Авганистан, а Унгарија изјави дека наскоро ќе ги прекине таквите операции.

Унгарија евакуираше повеќе од 500 луѓе во последните денови, некои по барање на сојузниците, а и некои што им помагаа на нејзините војници во Авганистан.

Франција денеска соопшти дека ќе продолжи со операциите за евакуација од Кабул „што е можно подолго“, но сигурно не подолго од 31 август.

Обединетото Кралство соопшти дека не може да го објави точното време на завршување на операциите за евакуација од Авганистан, наведувајќи дека тоа сигурно ќе биде до 31 август.

Русија објави дека од Кабул полетале четирите авиони што ги испратила за евакуација на уште 500 луѓе.

Во тие авиони има државјани на Русија, Белорусија, Киргистан, Таџикистан, Узбекистан и Украина.

Ова се првите авиони што Русија ги испрати во Кабул од почетокот на евакуацијата.

Холандија објави дека вчера во Амстердам слетале два авиони со 299 евакуирани, од кои 54 се холандски државјани.

Шведска објави дека вчера евакуирала уште 227 лица од Кабул, вкупно 771.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ