Според извештајот на американската вселенска агенција НАСА, седумте члена на екипажот на станицата, двајцата руски и тројцата астронаути на НАСА, како и јапонскиот и астронаутот од Европска вселенска агенција од Франција, во ниту еден момент не биле во непосредна опасност, пренесува Ројтерс .
НАСА на Твитер објави дека моторите на модулот почнале неочекувано да се палат вчера во 12.45 часот, поместувајќи ја станицата за 45 степени од положбата, а комуникацијата со екипажот на ИСС била прекината неколку минути за време на инцидентот, но тие реално не почувствувале никакво движење додека вселенската станица се навалувала половина степен во секунда, сѐ додека тимовите на Земјата не успеале да ја вратат контролата со активирање на потисникот на другиот модул.
Моторите на „Наука“ на крај биле исклучени, вселенската станица се стабилизирала и нејзината ориентација била вратена во нормала, а истрагата за причините за овој инцидент е во тек, објави НАСА.
Инцидентот ги принуди НАСА и Боинг барем до 3 август да го одложат пробниот лет на вселенското летало „Старлајнер“, кој беше закажан за денеска.
Рускиот повеќенаменски лабораториски модул „Наука“, по 14 години чекање на Земјата и осум дена орбитален лет, вчера пристигна на Меѓународната вселенска станица.
„Наука“ е првиот руски сегмент испратен до ИСС во последните 11 години, а пред него, во 2010 година, беше лансиран малиот истражувачки модул „Расвет“.






