Москва се обидува да ја подобри нееднаквата комуникација и инфраструктура на својот краен север, каде го зголеми своето воено присуство и го развива Северниот морски пат за тој да стане главен поморски правец.
Проектот Полар експрес ќе го води државната компанија Морсвиазспутник, а со него со стабилен интернет ќе се снабдат арктичките пристанишни градови, полуостровот Камчатка и островот Сахалин.
Алексеј Стрелченко, шеф на компанијата за производство и поставување кабли, кажа дека проектот ќе чини 889 милиони долари и дека целосно ќе го финансира државата.
Кабелот е произведен во арктичкиот пристанишен град Мурманск, а за изработката се користеле кинески оптички влакна и руски компоненти, кажа Стрелченко. Во четвртокот од Мурманск исплови бродот кој треба да го постави во близина Териберка.
Ќе бидат потребни дополнителни кабли за спојување за поврзување со глобалната комуникациска кабелска мрежа, за што се потребни странски инвестиции, кажа Андреј Куропјатников, извршен директор на Морсиазспутник.
„Тоа ќе подразбира партнерство во смисла на заедничко вложување за проектот да се прошири на Европа и Азија. Тоа е посебен комерцијален проект“, кажа Куропјатников за Ројтерс. Се разговара со компании во Азија, Европа и Соединетите Американски Држави, додаде тој.
Посебен приватен кабелски проект, кој рускиот телекомуникациски оператор Мегафон го водеше со финскиот инфраструктурен оператор Цинија, беше прекинат во мај. Проектот Арктик конект, вреден милијарда долари, за кабел кој ќе ги поврзува Хелсинки и Токио преку северот на Русија засега е на чекање.






