„Министерката за одбрана на Германија Крамп Каренбауер покажа, пред состанокот на НАТО (одржан на 21-22 октомври во Брисел), незаинтересираност за сериозен дијалог со Москва околу деескалација на ситуацијата.
Таа истакна дека НАТО треба да демонстрира спремност да ја употреби својата војска против Русија. Се надеваме дека во Германија ќе се најдат разумни лидери кои можат да ја одвратат својата министерка за одбрана од непромислената желба да ја тестира спремноста на нашите оружени сили“, наведе Захарова.
Таа додаде дека седницата на Советот на НАТО уште еднаш покажа дека огромната воена машинерија на НАТО и по 70 години исклучиво е насочена кон зауздување на Русија.
„Алијансата, која неуспешно ја заврши својата епоха на „големи операции“ повторно, како и за време на Студената војна, го јакне својот потенцијал за спротивставување на „противникот од Истокот“.
Во таа цел, министрите од НАТО утврдија стратегиски план за реализација на Концепцијата за одбрана и зауздување во Евроатлантикот и решија да ги актуелизираат плановите за одбрана на пактот на „источната периферија“.
Тие планираат да го зголемат патролирањето во воздушниот простор над Балтикот, во водите на Црното Море и да ја зголемат мобилноста на оружените сили“, констатираше Захарова.
Претходно министерката за одбрана на Германија Анегрет Крамп Каренбауер изјави дека НАТО треба да ѝ покаже на Русија спремност да употреби оружје доколку е потребно.






