Тој истакна дека тоа е цивилизациско прашање и проблемот во Албанија не е законската регулатива туку неодговорноста на правосудството, пренесуваат албанските медиуми.
За повиците за повторно воведување на смртната казна по киднапирањето и убиството на осумгодишно момче во Фиер, Рама кажа дека се покажало дека таквата казна не го спречува извршувањето на најтешките кривични дела. Наведе дека во овој момент ја разбира реакцијата на голем дел од општеството, но дека прашањето на смртната казна одамна е цивилизациско прашање, со кое се бават земјите од ЕУ и пошироко.
„Врз основа на многу анализи или факти кои јасно зборуваат дека не само од морален аспект на демократското општество, туку и од практичен аспект смртната казна не ги прави таквите настани неизбежни. За жал, дури и во најразвиените општества постојат оние кои се во состојба да дојдат до најекстремни манифестации на она што останало од животното во човечкото суштество“, кажа Рама.
Албанскиот премиер истакна дека Албанија има најстрог закон, но дека проблем е неговото спроведување.
„Она што за нас претставува катастрофа долга низа години е токму неодговорноста на правосудството во однос на поединците кои извршиле екстремни злосторства“, кажа Рама и наведе дека проблемот е што за убиства и силувања извршителите биле ослободувани или им биле изречени повеќекратно пониски казни, па ги повторувале кривичните дела.
„Можност да се преиспита законодавството секогаш постои, но правосудството треба да го примени законот. Предизвикот не е да се напишат повеќе закони, туку да се спроведат“, кажа Рама.






