Путин, кој преку видеоврска им се обрати на учесниците на самитот на Г-20 во Рим, рече и дека Светската здравствена организација треба да биде побрза во донесувањето одлуки за одобрување на вакцините.
На водечките светски нации им треба функционален механизам за систематско ажурирање на вакцините против ковид-19 бидејќи вирусот мутира, како и меѓусебно признавање на вакцините, рече Путин.
„Според експертските мислења, коронавирусот ќе остане закана долго време“, рече денеска рускиот претседател, обраќајќи им се на лидерите на Г20 преку видеоврска.
Путин додаде дека е потребна поголема меѓународна соработка во однос на меѓусебното признавање на вакцините и сертификатите за имунизација од страна на националните влади.
„Конкуренцијата, за која јас верувам дека е нефер, протекционизмот, неподготвеноста на одредени држави, вклучително и членките на Г20, за такво признавање ги попречуваат напорите за глобална вакцинација и ја влошуваат нееднаквоста во пристапот до вакцините“, нагласи тој.
Светската здравствена организација (СЗО) исто така има голема улога, додаде Путин. „Клучно е СЗО да го забрза процесот на претквалификација на нови вакцини и терапевтски средства, односно евалуација на нивниот квалитет, безбедност и ефикасност“, рече тој.
Тој им порача на членовите дека руската вакцина Спутник V и нејзината верзија Спутник лајт, која може да послужи како засилувач за други вакцини, успешно се користат во многу нации за заштита на нивното население од ковид-19. Многу западни земји не дозволуваат вакцинирање со руската вакцина и не признаваат имунизација со неа за меѓународни патувања.
Лидерите на 20-те најбогати земји во светот се собраа денеска на првиот самит на Г20 од почетокот на пандемијата на коронавирусот.






