„Го направив тоа пред два часа“, рече Путин на снимките емитувани од руската државна телевизија „Русија 24“ во неделата непосредно пред 17:30 часот по средноевропско време.
„Вакцинацијата беше безболна“, рече тој на состанокот со Денис Логунов, висок функционер во институтот Гамалеја кој ја разви вакцината Спутник V, првпат одобрена во Русија 2020 година.
Лидерот на Кремљ, кој прими две дози Спутник V во март и април, овој пат прими Спутник Лајт, кој се дава во единечна доза.
Од почетокот на есента Русија постојано руши рекорди по бројот на новозаразени и починати од ковид-19 дневно. Брзото ширење на епидемијата се должи на ниската стапка на вакцинација поради недоверба во владата.
Иако земјата има неколку вакцини од домашно производство, само 36,7 отсто од руската популација е целосно вакцинирана, според специјализираната веб-страница Гогов.
Путин, кој се противи на задолжителна вакцинација, сепак ја поддржа таквата мерка во некои делови од земјата и за некои групи граѓани. Во јуни Москва воведе обврска за вакцинација во услужниот сектор.
Русија досега има пријавено 9.331.158 заболени и 264.095 починати, што се најголеми бројки во Европа.
Според Росстат, кој има поширока дефиниција за смртни случаи поврзани со вирусот, вкупниот број на смртни случаи во Русија на крајот на септември бил скоро 450.000.






