„Обемот и обликот на природните катастрофи во некои региони е апсолутно без преседан“, кажа Путин на состанокот кој го пренесуваше државната телевизија и ја повика владата да дејствува брзо и ефикасно“ кон еколошките проблеми.
Рускиот претседател наведе дека примерот на силниот дожд на југот на земјата каде за неколку часа паднал дожд колку што паѓа за цел месец, како и пожарите во Сибир, на рускиот Далечен исток, дополнително се засилени од сушата и силните ветришта.
„Сето тоа уште еднаш покажува во колкава мера е важно во иднина да се ангажираме длабоко и систематски во климатската и еколошката програма“, истакна Путин.
Шумските пожари во Сибир веќе опустошија повеќе од 16,6 милиони хектари, особено во Јакутија, голема но слабо населена територија каде чадот прекри цели градови и каде властите мораа петокот да го прогласат за неработен ден.
Руското министерство за вонредни ситуации соопшти дека отворило специјален операциски центар кој се бави со пожарите против кои се борат околу 5.000 луѓе.
Чадот од пожарите во Јакутија предизвика зголемени нивоа на сулфур-водород до Челјабинск, 3.800 километри југозападно.
Американската вселенска агенција НАСА предупреди минатата недела дека чадот стигнал и до Северниот пол.
На југот на Русија и на Крим силните дождови предизвикаа поплави и евакуација на стотици луѓе, додека вчера без струја останаа околу 100.000 жители.






