Путин на заедничката конференција за новинари со германската канцеларка Ангела Меркел во Москва ја критикуваше „неодговорната западна политика на наметнување на странските вредности“ во Авганистан.
„Треба да се сопре таа волја за изградба на демократија во други земји според странки модели, не земајќи ги предвид историските, националните и верските особености, и целосно занемарувајќи ја традицијата според која живеат другите народи“, кажа Путин.
Рускиот претседател изрази уверување дека „тоа е лекцијата од Авганистан“.
Путин додаде дека талибанците ја контролираат „речиси целата територија“ на Авганистан и дека „тоа е реалноста на која сега треба да се смета за да не се дозволи распад на авганистанската држава“.
Руските власти, кои не го евакуираа персоналот на својата амбасада во Кабул пред доаѓањето на талибанците, соопштија неодамна дека талибанците „испраќаат позитивни сигнали“ во смисла на слободата и „цивилизираното однесување“.
Москва, која смета дека авганистанската криза е последица на „брзото заминување, дури и бегството на американските сили“, го поддржува почнувањето „национален дијалог“ во Авганистан „со учество на сите политички, етнички и конфесионални“ сили во таа земја.






